Последниве години, десетици пати сакав да Ти напишам порака или писмо, со најдобронамерен предлог – самиот да се повлечеш од функцијата и да ѝ се вратиш на професурата (иако и таму, ќе мора машки да го издржиш гневот на чистите студентски души, чија доверба ја изневери, долносувајќи се и поданички служејќи и на Фамилијата), а едно време, се мислев и за вакво отворено писмо, за атер на тридецениското познанство и на фактот дека Те сметав за пријател. Ама баталив, и пишував колумни, рапорти/извештаи за Твоите изјави и настапи, критикувајќи Те, сé со надеж, дека ќе ја сфатиш неминовноста, и тивко ќе си заминеш, чекајќи времето да го покрие резилот...
Откако прочитав дека една вонпарламентарна партија поднесува иницијатива до Уставниот суд „за поведување на постапка за постоење на околности кај претседателот Иванов кои може да влијаат на неговата спреченост да ја врши функцијата“, затоа што „се сомнева дека има ситуации кои влијаат врз душевната состојба и размислувањето на Иванов, тој да не може да разбере какви дејствија презема“, сепак, решив - директно да Ти се обратам.
Доста е Ѓорге!
Обиди се да ги присобереш срчите од достоинството и од професионалниот интегритет што Ти останаа по седумте години претседателствување, седумте тажни години за Македонија и за Тебе. Беше професор, а стана објект на мајтап на социјалните мрежи, неисцрпна тема за твитерџиите, топ-муабет пред маалските гранапчиња, каде и отруените граѓани од провладините медиуми, веќе се подбиваат со „Хорхе - Фикусот“... Долго не можев да го сфатам Твоето молчење и не верував во продавањето на вокацијата (душата?), зашто не Те познавав како јагмаџија кого лукративноста би го туркала во кршење на правото, во поддршка на криминалци и во слепило пред неправдата... Но, кога собра храброст и конечно прозборе, како и илјадници други граѓани, се покајав што не си остана молчалив.
Почна да се резилиш и себеси и државата која мораше подобро да ја претставуваш, без оглед на тоа како си бил „избран“ на функцијата. Затоа, не ги чекај резултатите на импичментот, кои кликата на власт може лесно да ги намести преку својата послушничка, гласачка машина. Туку, оди си мадро, скришум ако треба, ако веќе не можеш да се покаеш јавно за сé она што на кутрава земја и го сторија Твоите наредбодатели (додека Ти, професоре, најпрвин молчеше, затворајќи ги очите и правејќи се наудрен, а потоа, дури и здушно ги поддржуваше!), замини си, оти голем е резилот... Толку голем што ќе им жарат образите на следните Ти поколенија.
По официјалниот дел од интервјуто што ми го даде во првата Твоја претседателска кампања, во изборниот штаб кај „Путник“, рече дека Те наместиле за Хунзите, дека Фрчкоски е нефер со подбивањата за „Паки-стани“, дека си искрен во ветувањата за промени, дека си Македонец и патриот, па и дека и партиското обезбедување на ВМРО-ДПМНЕ околу Тебе, од чии телефони ечеа песни на Цеца и додека снимавме, е дел од политиката на кој мора да се навикнеш... И сé уште, аргументите Ти држеа по троа вода.
Добро, можеби имаше право да им се лутиш на Црвенковски и на СДСМ, не сум сигурен, семејството е пред сé... Ама, да се откажеш од сопствените уверувања и да забегаш во другарување со оние „античките“ (дури и ако беа од Валандово, тој тип на локал-патритизам, не врви кај интелектуалец, нели?), да го поддржиш билдањето на нов национален идентитет преку морничави проекти како „Скопје 2014“, да отвораш фронт кон ЕУ, пред сé кон Германија и кон САД, да шириш параноја за „светските заговори“ против Македонија, со калимеровските тажаленки дека „никој не нé сака“... Не можам да разберам што, всушност, беше тригерот?
За време на првиот Твој мандат, кога сé уште граѓаните масовно не си играа дрн-дупка со Твоите недугави испади во јавноста, на младите колеги им раскажував дека во времето кога уште Те знаевме како Ѓорѓи и кога беше дел од позитивната енергија што на крајот на осумдесеттите и на почетокот од деведесеттите се ширеше околу „Млад Борец“ (но, како професор, сепак, држеше блага дистанца од руки-новинарите, музичарите и прогресивните младинци, кои во македонскиот темен вилает, жеден за слобода, по малку и некритички беа прогласени за некаква „македонска пролет“), при посетите на Белград, бевме горди кога претставниците од Словенија во југословенската младинска организација, Те фалеа, како еден од ретките Македонци со ставови „пред своето време“... Актуелните руки-новинари или ококорено ме гледаа, или ме зајадуваа дека „жалта за младост“ ми ги „освежува“ и разубавува сеќавањата...
Ама, Те бранев... Сé до моментот која мојот респект конечно и неповратно го загуби, кога не се појави на комеморацијата на Никола Младенов, кој колку што се сеќавам, Те сметаше за пријател. Ме изеде туѓиот, Твој срам! Не ми се веруваше дека не собра храброст и сили да се појавиш и да го испратиш, колку и да се плашеше од своите шефови. Оние, што според „бомбите“, сите нас кои баравме вистинска истрага за неговата крајно сомнителна смрт и кои сé додека спротивното не биде докажано, ќе тврдиме дека се работи за егзекуција на политички противник, не нарекуваа „дебили“! Или, можеби со право се исплаши од нив? Нели, изјави дека Ти како претседател, можеш да дојдеш и до тајни информации...
Доста е Ѓорге!
Помина времето кога се кикотевме на „бисерите“ дека „по декември ќе дојде јануари“ и дека „треба да им се стави олово на нозете да не полетаат“, на гафовите за „Св. Павле од Паљурци“, за „космодиск демократијата“ и „за разумниот компромис под што се подразбира разумен компромис“ (во кои може да се вбројат и „Ширак, претседателот на САД“ или „Александар, учителот на Александар Македонски“), кога Ти простувавме поради тремата, поради „врзаниот јазик“ и комплексот на дојденец од внатрешноста, откако по „средбите“ со светски државници, самиот се ничкосуваше во јавноста со „намигнувањето на Обама“ и со бриселскиот танц со мултипартиецот Боцевски, (кога сфати дека „ако не се држите заедно, ќе висите одделно“, што Ти стана и политичко кредо...), време е да им се тргнеш од патот на продемократските сили.
Да се обидеш барем малку да ги поправиш натрупаните гревови, како последниот, со подлата игра со селективната аболиција, која на клоци ја истурка Македонија од единствениот пат кон враќањето на правната држава и правдината. И, наместо панаѓурските посети на пивтијади, празијади, сомун&татлијади, смоквијади, ракијади..., да се ослободиш од политичкото бреме од своите плеќи, да пишуваш мемоарска проза, или, да им се посветиш на калинките на Твојата младост...
Зашто, некогашен познанику (пријателе?), Ти допре до нивото на кое на прашањето „како Александар Македонски денеска би се снашол во бизнисот во Македонија?“, одговараш дека „и Исус Христос да се јави (во Македонија – н.з.) ќе го убијат. Исто важи и за Мухамед. И тој да се јави ќе го убијат“. Ѓорге, бе?
И сега, граѓаните барале да Ти се забрани претставувањето на Македонија во странство и да се провери Твојата деловна способност. Е, ќе бараат... Колку и да беше искрено признанието за Твојата верзија на „македонскиот сон“ - „Кога јас сум можел јас да станам претседател зошто и тие (младите – м.з.) да немаат сон да станат нешто во животот“ – Ѓаволот ја однесе шегата. Одамна.
Оди си Ѓорге, кротко, како што се однесуваше кога луѓето и Те почитуваа.
Оваа вест е достапна и на: English