„Народот гласаше и нема намера да му дозволи на Заев со грст луѓе околу него и грст негови соработници и помошници, да ја помножи со нула, демократски изразената волја на граѓаните на Република Македонија. Нека води сметка, тој продолжува да се заканува, се заканува на 453.000 граѓани!“, рече на деншната прес-конференција Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ
„Заев и тие околу него треба да знаат дека си играат со трпението на трпелив човек. Овој народ покажа трпеливост, но доколку некој сака да му ја украде победата, таа трпеливост многу лесно ќе прерасне во гнев. Ни треба мирна ситуација, честитка, европски манири“, порача Влатко Ѓорчев, носителот на кандидатска листа на ВМРО-ДПМНЕ во Шестата изборна единица, на прес-конференција којашто се одржа веднаш по пресот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Според Ѓорчев, Заев ја турка Македонија во сценарио, кое не е добро за државата.
„Граѓаните сакаат крај на кризата. Заев да прекине да ја продолжува кризата во Македонија. Тој директно упати повик за фалсификат кон ДИК. Сите знаеме дека изборите во ИЕ6 и во цела Македонија, на сите избирачки места, беа чисти како солза. Изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ и народот, и коалицијата од 25 партии, ја потврди ДИК, со сите одложувања, по два дена броење. Убедливо поразениот,Заев сака да стане победник“, рече Ѓорчев.
Според него, на овие избори одлучи народот, којшто гласаше за Македонија. Тој порача дека нема да му се дозволи на Заев, да им ја украде изборната победа, која според него е јасна, кристално чиста, во мандати, во број на општини, (50:10), во шест од седум изборни единици и победа според број на гласови, потврдена и констатирана.
Заев изминативе години, рече Ѓорчев, доби сѐ што бараше, а граѓаните на Република Македонија одлучија да го поразат и него и неговата политика, да ја задржат унитарноста на државата и уставниот поредок.
„Оваа држава има институции, има народ и уставен поредок. За тоа кој ќе ја составува владата, не одлучува Зоран Заев, одлучуваат граѓаните на Македонија, преку слободно изразена волја. Оваа изборна победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, ја верификуваа и потврдија меѓународните институции, ЕУ, Могерини, Хан, ОБСЕ, најголем број набљудувачи, коишто сме ги имале досега, САД и цела низа држави со коишто имаме билатерални контакти“, рече Ѓорчев.
М.Т.