ОРУЖЈЕТО КАКО АЛАТКА ЗА КОМУНИКАЦИЈА

Потребна е итна, сериозна, доследна и долгорочна мултидисциплинарна акција за заздравување на општеството и надминување на културата на омразата и предрасудите, за да се надмине и култот кон оружјето и насилството

Make-Love-not-LoopholesВо услови на крајно заострена политичко-клановска борба и отсуство на сериозност и идеја во програмите на претендентите за власт, во комбинација со присуство на големи количини оружје и симнување на прагот на толеранцијата во општеството по сите основи, може да се очекуваат инциденти, насилство, па и употреба на оружје во изборниот процес. Оттаму, сметаме дека е важно да се потсетиме на неколку факти и состојби во доменот на контролата на оружјето во земјава, особено што се однесува до присуството на нелегалното оружје и неговото влијание во општеството.

Никој не може со сигурност да утврди која е количината на прошверцувано оружје на еден црн пазар, но приближни проценка може да се направи. Без оглед на бројките и присутноста на оружјето, тоа што сметам дека е поопасно од самото присуство на оружјето во општеството е фактот дека расте спремноста тоа оружје и да се употреби, дури и во крајно апсурдни и банални животни ситуации. Тоа е областа каде што треба да се фокусираме – како да се надмине култот кон оружјето и насилството, односно да се понудат поинакви решенија за проблемите на луѓето. Тоа може да се обезбеди преку јакнење на јавната свест, но и воспоставување на доверба на најмалку две нивоа: меѓу институциите и граѓаните, како и меѓу различните етнички заедници во земјата. Загрижувачки е растечкиот тренд на поседување, носење и употреба на оружјето. Тоа често се употребува како „алатка за комуникација“, односно како средство за заплашување, уцена и перманентна закана за оние што не мислат исто како имателот на оружјето.

Постојат повеќе мотиви за поседување и за употреба на оружјето, но тие може во пошироки рамки да се поделат на три области: култ кон оружјето, растечка политичка и социјална несигурност и радикализација на меѓуетничките односи. Тие се меѓусебно поврзани, трпат промени, но и вршат силно негативно влијание врз граѓанската култура, безбедноста и врз меѓуетничките односи.

Што се однесува до култот кон оружјето, одговорноста започнува кај родителите, а потоа е и во наставниот кадар, но и во општеството во целост, државните и локалните институции на власта, како и на политичките партии.

Зачестената употреба на оружјето е последица на зајакнат култ кон оружјето, област во која треба да се фокусираме. Култот кон оружјето и насилството може да се надмине во долготраен и мултидисциплинарен процес со понуда на поинакви решенија за проблемите на луѓето. Дел од мерките се јакнење на јавната свест и довербата на најмалку две нивоа: како прво, меѓу институциите и граѓаните и второ, меѓу различните етнички заедници во земјата.

Зависно од степенот на веројатност кој се утврдува според специфични статистички параметри, бројот на парчиња нелегално оружје во Македонија се движи меѓу најверојатните 100-160 илјади парчиња, под услов секој нелегалне поседувач да има само по едно парче нелегално оружје. Доколку се постави критериумот на пониското скалило на веројатност, а се претпостави дека секој нелегален поседувач има две парчиња нелегално оружје, проценката на бројот на нелегално оружје може да се искачи на 340-450 илјади парчиња нелегално оружје во Македонија. Односно, се проценува дека во земјава има 100-170 илјади поседувачи на нелегално оружје.

Нашите континуирани повици за сериозен, мултидисциплинарен приод кон надминување на култот кон оружјето и оруженото насилство се со незначителен одзив. Институциите на системот, како на локално, така и на државно ниво, не можат да се извлечат од одоворноста. Тие ништо или сосема малку и неконзистентно се справуваат со растечкиот култ кон оружјето и неговата употреба. Мораме конечно да признаеме, нивната соработка со граѓанскиот сектор е минимална и секогаш на наша иницијатива и инсистирање. Култот кон оружјето и оруженото насилство не се контолираат само со неколку зборови на соопштение, плакатче и флаерче, туку дологорочно залагањеи вклучување на повеќе општествени и државни сектори.

Потребна е итна, сериозна, доследна и долгорочна мултидисциплинарна акција за заздравување на општеството и надминување на културата на омразата и предрасудите, за да се надмине и култот кон оружјето и насилството.

Како организација на граѓанското општество ние сме активнии во оваа област од крајот на 2001 година. Цивил ги координира своите акции и учествува во глобалните иницијативи на International Action Network on Small Arms (Меѓународната акциона мрежа за малото оружје) од 2002 година. Цивил е членка и на глобалната коалиција за борба против оружјето Control Arms.

Џабир Дерала

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish