Острени: Не се повикувајте на ОНА, нудете изборни програми!

По обидите за инволвирање на Ослободителната народна армија – ОНА во актуелната предизборна кампања, за освојување на поени кај етнички-албанскиот електорат, реагираа нејзини поранешни лидери, со барање - организацијата која е распуштена во 2001, да не се злоупотребува за партиски цели

„Ослободителната народна армија – ОНА (УЧК), беше патриотска организација, и таа се распушти во септември 2001 година. Мислам дека никој не треба да се повикува на ОНА, затоа што тие што учествуваат на избори, треба да се повикуваат на своите изборни програми. Емоциите, и на некој начин влијанието, посебно кај граѓаните - Албанци, ќе ѝ наштетат на ОНА, затоа што таа си ја заврши својата мисија, и сега, партиите  треба да кажат кои се причините за неостварувањето на задачите и целите на ОНА, кои се изразени во Охридскиот договор и во измените на Уставот“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, Гзим Острени, лидер на партијата „Унитети“, која на изборите настапува како дел од  коалицијата „Алијанса на Албанците“, поранешен генерал на ОНА и поранешен генерален секретар на ДУИ.

По неуспешниот обид на носителот на листата на ДУИ во Првата изборна единица Артан Груби, од говорница да иницира скандирање за ОНА,  аналитичарот Рамадан Рамадани, за ЦИВИЛ Медиа, изјави: „Прво, пораката требаше да се испрати до структурите кои владеат со Али Ахмети, а тоа е – ВМРО-ДПМНЕ, со цел да работат на теми како што се – федерализација, двојазичност, за да ја избегнат најголемата тема за следните избори, а тоа е  - криминалот и узурпацијата на државата. Второ, тоа беше фрапирачки чин на човек кој е на погрешно место во погрешно време. Трето е степенот на неодобрување и исвиркување, кои доаѓаат за еден човек кој очигледно, не припаѓа таму“.

Медиумите го пренесоа и ставот на поранешниот припадник на ОНА, Абедин Зумбери, кој ги повика политичките партии на етничките Албанци да не ја злоупотребуваат ОНА во кампањата: „Не одат двете заедно, или си за ОНА, или си за граѓански концепт на државата. Додека сите Албанци се определени за заедничка држава, тогаш треба да бидеме многу внимателни со јавни изјави што создават меѓуетнички тензии... Драги млади Албанци, не дозволувајте такви неодговорни луѓе да бирате за ваши претставници во Собранието. Тие одамна ве лажат и ќе продолжат да ве лажат! Бирајте личности што ќе ви донесат економски услови за опстанок, добро образование, и мирен живот со сигурна перспектива. Бирајте личности што ви донесуват мир, а не конфликти во кои тие сами не учествуваат. Сите други изјави се само измама и манипулација кои ја нарушуват вашата иднина!“

Според Зумбери, секој обид за создавање на меѓуетнички поделби треба да се казни со гласот на граѓаните. „Сите тие кои цела ноќ кодошат и крадат заедно, а цел ден продават лажен патриотизам, е време да се казнуваат. Верувам дека мојот апел ќе допре до секого кој ја сака иднината на своето семејство и на сите граѓани“.