Осуда на говорот на омраза и повиците на јавен линч!

Опозицијата, Хелсиншкиот комитет за човекови права и активисти од граѓанскиот сектор, денес реагираа по повод говорот на омраза, националистичките навреди и јавните повици на линч, од дел од демонстрантите и од говорниците на вчерашните протести, организирани од ВМРО-ДПМНЕ пред Државната изборна комисија

Опозициската СДСМ денес побара надлежните институции да се справат со говорот на омраза и со повиците за линч кон сé што е демократско во Македонија.

За време на синоќешните протести на поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ пред Државната изборна комисија, додека се одлучуваше за приговорите на Беса и на СДСМ, на социјалните мрежи се појавија списоци со имиња и адреси, на дел од активстите на Шарена револуција, како и повици до приврзаниците на владеачката партија, да се „посетат“ посочените личности. На Твитер се ширеше список со адресите на кандидатите за пратеници на СДСМ од граѓанскиот сектор, Павле Богоевски и Ивана Туфегџиќ, како и на активистот на Шарена револуција, Демијан Хаџи-Ангелковски, и беа повикувани „патриоти“ да се обојат со боја нивните фасади! Со ваквото објавувањето на лични податоци се прекршува правото на приватност, а повиците на линч и говорот на омраза се казниви со закон.

_dsc0795

Протести пред ДИК, петок 16 декември

И Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, денес остро реагираше на говорот на омраза забележан на протестот пред ДИК синоќа.Според ХКМ, додека ДИК ги разгледуваше и расправаше по партиските приговори, пред нејзиното седиште се одвиваше протест на кој присуствуваа симпатизери, членови и функционери на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“. Присутните на протестот скандирале со повици на омраза, на раздор и нетрпеливост, низ извиците за „клетите Шиптари“, а во говорите на функционерите на протестот, имаше елементи на кривичните дела: Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска или друга дискриминаторска основа и Загрозување на сигурноста кон повеќе лица, казниви според Кривичниот законик на Република Македонија.

ХКМ ги потенцира говорите на директорката на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, Валентина Божиновска, на пратеникот Амди Бајрам,  и на директорот на Државниот архив Филип Петровски, со кои, според ХКМ, се прекршени членовите 144 став 3 и 319 од Кривичниот законик на Република Македонија.

ХКМ го осуди и списокот што циркулира на социјалните мрежи, а во кој се наведени адресите на дел од кандидатите за пратеници и активисти на Шарената револуција, со повик до приврзаниците на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, да се „посетат” овие личности и го оценува како јавен повик за линч, што претставува кривично дело – Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, предвидено во чл. 394-г од Кривичниот законик на Република Македонија, за кое е предвидена казна затвор од една до пет години.

Хелсиншкиот комитет апелира до надлежните државни институции, „вклучувајќи ги МВР и Јавното обвинителство да преземат итни и неодложни мерки за гонење на говорот на омраза, бидејќи неказнивоста на ширењето и промовирањето на говор на омраза во јавниот простор претставува толеранција и оправдување на говорот на омраза“