Осуда на граѓанскиот сектор за нападот врз канцеларијата на „Гласно“ во Штип!

ЦИВИЛ - Центар за слобода е една од 74 граѓански организации кои најостро го осудија нападот врз канцеларијата на здружението „Гласно“ во Штип, на 26-ти ноември, кога беа скршени прозорците и таблата со логото на Културно-уметничкиот центар „Текстил“. Потписниците на заедничката реакција, сметаат дека нападот е директен удар врз борбата за човекови права и слободата на здружување и изразување на граѓаните.

„Бараме МВР и Јавното обвинителство најитно да ги открие сторителите на овој напад кој испраќа сериозна закана и предизвикува чувство на несигурност. Здруженијата на граѓани изминативе години биле напаѓани повеќе пати, но досега, напаѓачите не се пронајдени за ниту еден случај! Сметаме дека е крајно време ваквата неказнивост да престане и конечно да бидат најдени сторителите на сите напади“, се вели во реакцијата на 74 здруженија и граѓански организации.

Просторите на „Гласно“ изминатите месеци биле „слободна зона на среќавање и организирање на работниците и работничките од текстилната и кожарската индустрија“ и затоа, граѓанските организации, сметаат дека се работи за „напад врз работниците поради волјата за промени на нивниот статус и за конечно остварување на нивните права“.

Закажан е и првиот голем собир на текстилните и кожарските работници и работнички на 8 декември 2016, во 19 часот, во Штип, па се наметнува прашањето дали и поради тоа, некому му пречи здружението „Гласно“ и неговата работа?

„Зошто една ваква благородна идеја и цел да биде каменувана? Никој нема да ја запре борбата за подобрување на правата, условите и платите на работниците во текстилната и кожарската индустрија, која ќе продолжи и ќе биде гласна. Порачуваме дека нападите врз ‘Гласно’ ги разбираме единствено како страв од охрабрувањето на граѓаните конечно да побараат остварување на нивните загарантирани права и подобрување на нивниот социо-економски статус“, се вели во реакцијата на граѓанските организации.