Неколку илјади фантомски гласачи кои немаат живеалиште во Скопје, а имаат издадени лични карти на адреса во центарот на градот, сѐ уште фигурираат во избирачкиот список, дознава Цивил.
Дел од нив се од Пустец, Албанија, а дел од други градови во земјава.
Сите тие ќе имаат можност да гласаат на претстојните двојни избори бидејќи, според нашите сознанија, тие се дел од избирачкиот список. Нашата екипа изврши проверки само во општина Центар, каде што, според нашите сознанија, има неколку илјади фантомски гласачи и тоа на следните адреси: Аминта 3, Мирослав Крлежа, Орце Николов, Булевар Илинден, Френклин Рузвелт, Црвена Вода, Булевар ВМРО, Димитрие Чуповски (Вељко Влаховиќ), Максим Горки, Никола Тримпаре, Киро Крстевски - Платник, Коле Неделковски, Петар Попарсов, Стале Попов, Бул. Страшо Пинџур, Светиниколска, Васил Ѓоргов...
Најпрво се упативме на адресата Васил Ѓоргов 24, каде што постојат сознанија дека во станот број 27 живеат десетици лица, сите со право на глас во земјава за претстојните избори во недела. Од влезната врата, која речиси беше руинирана, веднаш можеше да се забележи дека во станот не живее никој. Пред вратата сé уште стоеше флаер од еден од претседателските кандидати. Бидејќи не ни отвораше никој, заѕвонивме кај соседите.
„Тука веќе 20 години не живее никој“, ни рече сосетката.
Следната дестинација ни беше улицата Киро Крстевски – Платник број 11, каде што во еден од становите пријавени се дека живеат над 20 лица, сите со право на глас во земјава. Вратата ни ја отвори средовечен човек, кој ни изјави дека е запознаен дека во неговиот стан се пријавени триесетина лица, но дека случајот не го пријавил.
Од видеото во прилог можете да погледнете како помина нашата посета во становите каде што се пријавени по триесетина лица.
Според информациите на Цивил, дел од избирачкиот список е исчистен – таму веќе не фигурира дел од гласачите од Пустец кои беа на списокот на минатогодишните избори. Овие лица најверојатно ќе гласаат во Тирана. Сепак, само во општина Центар се останати неколку илјади лица, кои сѐ уште фигурираат на избирачкиот список и имаат право на глас во земјава за изборите во недела.
Мери Јордановска