Злоупотреба на државните институции и пари во текот на предизборната кампања е забележана во повеќе градови, како од страна на набљудувачите на Цивил, така и од некои институции и медиуми. Тоа што се забележа во претпоследната недела пред претседателските избори и на почетокот на кампањата за предвремените парламентарни избори е употреба на државни ресурси за партиски активности.
Меѓу подрастичните случаи на злоупотреба на јавните ресурси е оној со еден градоначалник, кој со службено возило отишол во Италија, за да ги убедува Македонците кои се на привремена работа во оваа земја, да гласаат за партијата на власт, ВМРО-ДПМНЕ. Во меѓувреме, при враќање, на границата меѓу Словенија и Хрватска, возилото се расипува и за причинетата штета и транспортот на возилото до Македонија, се плаќа околу 5.000 евра, од средствата од општинскиот буџет.
Нашите монитори, како и повеќе медиуми, јавија и за случајот во Прилеп, каде што возилото за брза помош „дефилирало“ низ градот со партиски знамиња на ВМРО-ДПМНЕ. За овој случај постојат и видео снимки, кои ги пренесоа повеќе портали. Градската болница во Прилеп, по овие информации јави дека кон вработениот кој го злоупотребил службеното возило, презела санкции и дека ќе го разгледа случајот до крај.
Меѓу другите изборни нерегуларности, меѓу другото, забележана е и злоупотреба на образовни институции за политички маркетинг во текот на кампањата. Порталот Порталб јавува дека албанската партија на власт, ДУИ, поставила промотивен материјал на вратата на објектот на Тетовскиот Универзитет во Скопје. Исто така, на порталот на Република се објавени фотографии на кои се гледаат промотивни постери на оваа партија по ѕидовите на училниците на средното училиште Цветан Димов.
Арбана Ќерими