Партиски притисоци и уцени врз пациентите

Пациенти кои чекаат на листи за здравствени услуги мораат да покажат лојалност кон владејачката партија, односно, да гласаат и да агитираат за неа – се вели во извештаите на мобилниот тим на ЦИВИЛ – Центар за слобода за долгорочно набљудување. Се работи за операции и за други здравствени услуги на кои пациентите имаат неприкосновено право, а за кои е потребно подолготрајно чекање.

Во градот од каде што доаѓа овој извештај, дваесетина припадници на младите сили на владејачката партија, веќе неколку недели, распоредени во тимови, одат од куќа до куќа, со информации за здравствените потреби на граѓанки и граѓани, податоци кои мора да се чуваат во тајност.

Во извештајот на мобилниот тим на ЦИВИЛ се цитира и еден граѓанин кој прашува: „Кој смее да ги споделува заштитените податоци на граѓаните со партиски активисти?“

Дел од соговорниците од овој град побараа и меѓународната заедница да обрне внимание на притисоците врз ранливите групи и врз пензионерите.

Во иста ситуација, според извештаите, се наоѓаат и лица на кои им треба туѓа нега или грижа за трето лице. Под изговори дека се прават анкети, се нарушува приватноста на немоќните лица, а потоа, се врши вулгарен притисок и пропаганда за власта, со користење и на незаконски прибавени списоци со податоци.

ЦИВИЛ – Центар за слобода ги повикува сите граѓанки и граѓани да се охрабрат и да пријавуваат било какви притисоци кои доаѓаат од политичките партии или од претставници на институциите кои спроведуваат партиски агенди.

ЦИВИЛ ги повикува сите институции и вработените во нив, да пријават притисоци и да одбиваат партиски задачи, бидејќи нивна единствена задача е да им бидат на услуга на граѓанките и граѓаните, за што и се платени.

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish