ЦИВИЛ – Центар за слобода континуиранo добива извештаи од терен за катастрофалната состојба во образованието во Македонија и за дискриминирањето на наставниците и на учениците. Министерството за образование и наука продолжува со игнорантски однос кон сите чинители кои треба да придонесат за развојот на образовниот систем.
Од извештаите од тимовите на ЦИВИЛ дознаваме за партиската обоеност на административниот и наставниот кадар во училиштата, за притисокот, за заканите и за уцените кои ги доведуваат професорите, учителите и наставниците во недостоинствена позиција.
И во училиштата од Западна Македонија, според нашите извори, се повторува приказната за превработеност по партиска директива, за отпуштање на партиски неопределени наставници без никакви образложенија и за партиското агитирање и притисоци.
Во општина во Западна Македонија, во средните и основните училишта се вработува несоодвентен кадар од редовите на владејачката партија. Истовремено, се отпуштаат наставници кои дотогаш работеле без решенија, хонорарно, но со полн фонд часови.
Со почетокот на годинава, започна интензивното вработување во училиштата и во овој дел од Македонија. Често и со неверојанти „квалификации“: На пример, како професор по историја во шесто, седмо и осмо одделение, во едно основно училиште, вработено е лице со завршен Шумарски факултет.
Во друго основно училиште во истиот град, доделени се решенија за работа на шестмина вработени кои биле дел од интезивното вработување минатата година. За таа намена, училиштата создавале одделенија и од пет до десет ученици, само за да им најдат работа и да ги задржат нововработените. На основа на таквата одлука, професорка по македонски јазик во истото училиште, преку телефонски разговор, без образложение е отпуштена од работа. Професорката побарала одговор од директорот на училиштето за таквата одлука, но и за односот кон неа. По четири години работа со полн фонд часови, вработената професорка добила одговор од директорот дека на нејзиното место е примена „финансиски послаба“ професорка и дека работата ѝ е потребна повеќе отколку на неа. Нововработената професорка веднаш добила и решение.
Според извештаите на тимовите на ЦИВИЛ од градовите низ Македонија, вработувањата кои властите ги вршат врз основ на „егзистенцијалната состојба“, на политичката, верската и родовата определба, а на штета на учениците, се врши жестока дискриминација која е за остра осуда.
Како организација која се бори за човековите права и слободи, вклучително и работничките права, ЦИВИЛ ќе продолжи да ги обелоденува сите примери на вакво однесување на сите чинители кои донесуваат незаконски одлуки.
Нашите соговорници сакаа да останат анонимни, но ја поздравуваме нивната решителност, надминувањето на стравот и помошта во разголувањето на токсичното влијание на власта која целосно го има партизирано образовниот систем во Македонија.
Оваа вест е достапна и на: English