Цела деценија македонското образование перманентно се девастира со квази-реформи и со налудничави експерименти на политичките маргиналци, кои партиите ги забаталуваат со утешни награди – функции во не толку провокативниот ресор.
Во образованието врие!
Средношколскиот пленум викендов поднесе ново барање до Министерството за образование и наука полагањето на државна матура за сите веќе запишани средношколци да се изведува според концептот на полагање кој опфаќа полагање на три екстерни предмети – задолжителниот мајчин јазик, изборен - математика или странски јазик и изборен од група предмети, во зависност од видот на средното образование, како и еден интерен изборен предмет и проектна задача. Освен тоа, учениците бараат Средношколскиот пленум да биде рамноправно вклучен во евентуалното изготвување на нов концепт на полагање на државна матура, но и во сите промени поврзани со средношколското образование, а секој нов концепт на полагање на државна матура да важи за учениците кои што ќе се запишат во средно образование по негово донесување и стапување во сила.
Студентите од студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје алармираат дека животите им се во опасност и дека надлежните треба да преземат итни мерки за создавање нормални услови за престој во домот, но и изградба на нови студентски домови поради растот на бројот на бруцошите.
По сите неисполнети ветувања на Владата, Студентскиот пленум бара конечно решавање на прашањето со студентските домови, пристојно сместување на студентите во домови со парно и лифтови, како и со нормални хигиенски услови и храна, кои не се потенцијални извори на инфекции.
Со мотото „Дојди и приклучи се“, членовите на Студентски пленум протестираа против недостоинствените услови за живот во студентските домови и ја продолжуваат кампањата „Ние не чекаме избори! Заокружи Гоце!“
Цела деценија македонското образование перманентно се девастира со квази-реформи и со налудничави експерименти на политичките маргиналци, кои партиите ги забаталуваат со утешни награди – функции во не толку провокативниот ресор. Исто толку години, се срчосува достоинството на просветарите, на некогаш ценетата наставничко-професорска професија, која е долносана до ниво на сожалување и од ученциите и од нивните родители. А, актуелните ученици, како најголеми жртви на недугавоста на актуелните политичари (некогашни лоши ученции кои сега се одмаздуваат за сите фрустрации од младоста), барем се обидоа, со протестни маршеви, штрајкови, бојкот на наставата и кампување пред Министерството, да го одбранат своето право на квалитетно образование. Дел од „даскалите“ од сѐ срце ги поддржаа, бранејќи ги и своите дипломи, искуството и професијата, а дел – вџашени од страв, за жал, го свиткаа ’рбетот и си одмолчаа.
И додека Средношколскиот и Студентскиот пленум опстојуваат на своите барања, последниот состанок на Наставничкиот пленум, според нашите извори, поминал во договарање на малкутемина присутни, како ситуацијата да се помести од работ на амбисот. Навистина, време е за ајвар и зимница, ама училишната година почна, а на наставниците и на профсорите им останува сѐ помалку време и маневарски простор, да му се спротивстават на понижувањето со контроверзното екстерно и со предвидените казни.
Но, ако од Наставничкиот пленум, како неформална организација, и не може да се очекува во една нерамноправна битка со Министерството, самиот да се избори за враќање на гордоста на еснафот, од синдикалците, може и мора да се очекува жестоко спротивставување на кршењето на човековите, пред сѐ, на работничките права.
За жал, од синдикалните организации, како никој веќе ништо и да не очекува. Токму Сојузот на синдикатите на Македонија деновиве го исклучи од своите редови(!?) и принудно го исели гранковиот - Мултиетнички синдикат на образование (МЕСО) од огромниот објект, наследство од минатата држава, од времето кога работниците беа самоуправувачи. На претседателката на МЕСО Сузана Стефановиќ и генералниот секретар Здравко Савевски, кои своерачно ги изнеле работите на МЕСО, им е забранет и пристапот во зградата на ССМ!
„МЕСО е казнет бидејќи секогаш кога Владата ќе излезе со некое кратење на работничките права, ние не излегуваме како него – да го пофалиме тоа. Меѓу вработените во образованието очигледно постои незадоволство и подготвеност за борба. Синдикалните бирократи и на ССМ и на СОНК, се трудат во корен да го исечат обидот на вработените во образованието да се изборат за своите права. Ова што ни го направи Митревски нема да нѐ спречи и понатаму да се бориме за правата на вработените“, изјави генералниот секретар на МЕСО, Здравко Савевски, кој му порача на претседателот на ССМ, Живко Митревски дека исфрлувањето на МЕСО е „најдобар доказ дека овој гранков синдикат е на вистинскиот пат“ и иронично му се заблагодари за постапката.
ССМ со години наназад е поддржувач на секоја власт. Лидерот Митревски, како да е министер или портпарол на актуелната Влада: има скапо службено возило, има и телохранители, со новинари комуницира преку соопштенија кои им ги доставуваат чуварите на големиот објект, користи речник полн со навреди за политичките противници... Но, 24/7 „се бори“ за правата на работнициите и перманентно „го сожалува“ синдикалното членство кое со своите пари, му ја обезбедува платата и бројните бенефиции, иако самото, едвај врзува крај со крајот.
Неофицијално, бркањето на МЕСО е отворање простор за враќање на Синдикатот за образование, наука и култура – СОНК под капата на ССМ. Во времето кога денешната власт беше во опозиција, тогашниот лидер на гранковиот СОНК, Дојчин Цветановски, незадоволен од раководството на ССМ на чело со Ванчо Муратовски, кое работеше под диктат на СДСМ, го изведе СОНК од редовите на ССМ во неизвесниот независен статус. Десетина години Цветановски тврди дека судирот со владејачката СДСМ, не бил поради неговата блискост со ВМРО-ДПМНЕ, туку, се разбира, „за одбрана на работничките права“. Но, подоцнежните постапки на раководството на СОНК ги зголемија сомнежите дека СОНК е само истурена филијала на ВМРО-ДПМНЕ. И додека, Цветановски и денес има статус на почесен претседател (дали тоа е предвидено со Статутот на СОНК не е јасно), на новиот лидер Јаким Неделковски, за кого упатените во синдикално – партискиот кукурек во Македонија, шпекулираат дека е молчалива и продолжена рака на претходникот, му се осипува членството.
Официјално, СОНК и понатаму има 30-тина илјади членови, а исклучениот гранков синдикат МЕСО, според Митревки, само 165, но од теренот пристигнуваат поинакви информации. И секретарот на МЕСО, Савевски тврди дека „МЕСО е казнет затоа што сака да ги штити работничките права на вработените во образованието, а тоа на Митревски, очигледно, не му одговара“, а на неговата изјава во прилог и оди и фактот дека СОНК, е целосно иднолентен кон неимплементирањето на колективниот договор потпишан во 2012, а минатогодишниот фарса-штрајк, како да го организираше, спроведуваше, па и го прекина Владата, која потоа, му ги сервираше на Собранието новите закони за основно и средно образование, што ги револтираа наставниците. Но, СОНК ги одмолча законите кои се на штета на неговото членство(!?).
Затоа, на актуелните избори во СОНК главна улога имаат и ќе имаат наметнатите партиски војници на владеачката партија, а според нашите извори, веќе се заплашуваат сите кои имаат храброст да се спротистават. Никој не се сомнева дека и на следниот конгрес повторно ќе биде избран за претседател „заслужниот“ Неделковски, но наставниците можеби, конечно би требало да се заинтересираат како се трошат десетиците илјади евра месечно од нивната членарина (ако СОНК навистина има 30.000 членови), колкава плата има Неделковски, на пример, или колку вработени има во СОНК?