„Скопје е шармантен град, и што и да му се случи ќе опстане, и какви и гревови да има, ние ќе му ги простиме. Но, навистина треба да се најде една внатрешна сила, да се надмине катастрофата којашто му се случува со проектот „Скопје 2014“ и го уништува неговото срце... Тоа менување на идентитетот, на профилот на градот е нешто што боли и затоа граѓаните реагираат... Во епилогот на одлучувањето на Уставниот суд, не можеме да бидеме сигурни, затоа што тој во последниот период, со сигурност може да се каже, има некакви несигурни критериуми.
Наше е ова да го направиме, ако не за друго, пред историјата, пред совеста, пред себеси, и воопшто, како показ дека имаме слабости коишто мораме да ги надминеме...“, вели во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа, Даница Павловска, поддржувач на граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“, што вчера беше официјално доставена до Уставниот суд, а чиј потписник е и ЦИВИЛ - Центар за слобода.
Денеска се навршуваат 53 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје. На 26 јули 1963 година, градот рано изутрината, по серија земјотреси се разбуди во пепел, крв, плач и солзи. Илјадници граѓан(к)и останаа под урнатините, стотици без семејства, домови... Со огромната солидарост на многу држави и народи, невидена на овие простори дотогаш, Скопје ја започна битката за повторно раѓање од пеплишата. Под виртуозната, урбана палка на јапонскиот архитект Кензо Танге, Скопје набрзо повторно блесна како модерна македонска метропола. Но, според стручните оценки на македонски и светски признати архитекти, последниве 10 години, актуелната власт на ВМРО ДПМНЕ, врши терор, го нагрдува со трајни лузни, го девастира урбаниот лик на Скопје, но и духот на градот.
На оваа тема, ЦИВИЛ Медиа разговара и ги пренесува видувањата и оценките на граѓанската активистка, Даница Павловска, истакната архитектка, експретседателка на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, која целиот работен век го поминала во Секторот за урбанизам и просторно планирање на Град Скопје
ЦИВИЛ Медиа: Пред 53 години, точно на овој ден во 5.17 ч. наутро, само за миг во природна катастрофа, животот на Скопје замре, останаа пепел, лелек и солзи... Природната апокалипса однесе многу човечки животи, а сведоците и денес живеат со тагата и спомените. Но, од урнатините, Скопје повторно блесна, процвета во сите аспекти. Природно е да се очекува дека тој сестран раст на градот има нагорна линија, а во реалноста факт е дека денес се случува една друга приказна. Според голем дел од скопјан(к)ите, градот е обезличен, нагрден, проектите на новата власт се трајни лузни врз неговото лице. Ваша оценка за тоа кои се последиците од „груевизмот“, или колку актуелната власт го руинира колективниот дух на модерно Скопје?
ПАВЛОВСКА: Мислам дека имате принципиелна заблуда. Да, власта може да влијае врз животот на еден град, но тој зафаќа еден свој пат, којшто еволуира и созрева, по некакви свои и само свои критериуми и избор. Но, да, власта може да создаде амбиент во којшто ќе се уништуваат вредностите на градот! Едно е сигурно, духот на градот опстанува, и по земјотресот градот се крена, и со голема солидарна помош доживеа еден урбанистички бум, истовремено, стана модерен, современ град, еден урбан концепт којшто се доби по архитектонско-урбанистички конкурс. Во некаква смисла се направи одбир и еден од светските урбанисти застана зад концептот којшто потоа почна да се реализира. Тоа е Кензо Танге. Сето тоа продолжи да живее со посилни или послаби импулси. Во тој период, исто така како и денес, политичката власт која што ја избираме, беше онаа којашто владее ги гради тие урбани политики и тие се некогаш успешни, некогаш - не. Многу е битно градот да има свој економски развој, којшто ќе го следи неговото зголемување, ќе го подобрува квалитетот на неговото живеење и ќе застане во редот на градовите во светот, зашто денес е тренд, градовите да се уредуваат како паметни, умни- Smart City. Светски тренд е да се внимава на проширување на градовите коишто имаат силен магнетизам и тие миграциони движења секаде во светот доаѓаат до израз.
Значи, Скопје е еден шармантен град, и што и да му се случи ќе опстане и какви и гревови да има, ние ќе му ги простиме. Но, навистина треба да се најде една внатрешна сила, да се надмине катастрофата којашто му се случува со проектот „Скопје 2014“ и којашто го уништува неговото срце, централното градско подрачје станува нешто различно. Тоа менување на идентитетот, на профилот на градот е нешто што боли и затоа граѓаните реагираат. Иако да кажеме постојат и други промени коишто го следат неговиот развој, дали е тоа Дебар Маало, населба Аеродром... Како и да е, градот мора да има свои стратегиски цели и правци, и тие се забележани во неговиот Генерален урбанистички план. Сето тоа е дел од овој просторно-урбанистички систем, кој има своја законска рамка, а ние предлагаме да се усовршува, прочистува, да претставува репер, ориентир при реализација на урбаните политики. Архитектурата е одраз на општествените состојби и ако овие општествени состојби во последниов период на нашето и живеењето на градот, се рефлектираа така, и го создале „Скопје 2014“, наше е да се извлечеме од тој кич и концентрација на неодговорност и незнаење и да му помогнеме на градот како колективитет, да ја надмине таа грдотија и да се извлече од ситуацијата. Ние, како архитекти, размислуваме што утре, што потоа? Ние не сме деструктивни и не сметаме дека треба сé да урне, но еден студиски, аналитички пристап е неопходен. Наша порака е „Да, направете уште една проверка, дајте да анализираме она што е создадено, да го превреднуваме и со аргументи да одлучиме што понатаму. Не сакаме натамошни штети!“
Постулатот, целта што уште минатата година ја поставивме е - мораториум врз проектот „Скопје 2014“, да запре процесот, никому тоа нема да пречи, за потоа кога ќе дојдат услови, да го преиспитаме она што е создадено и да ја исчистиме сопствената совест.
ЦИВИЛ Медиа: Кои се законските основи за поднесување на Иницијативата „Го сакам ГТЦ“ до Уставниот суд на Република Македонија?
ПАВЛОВСКА: Ние, како граѓанско движење „Го сакам ГТЦ“, коешто е и дел од Шарената револуција, ја препознавме злоупотребата на правниот инструмент, во Законот за просторно и урбанистичко планирање. Во членот 50 на овој Закон, стои дека може да се донесе одлука за третман на објекти, градби од посебен интерес. Тоа е правен основ за донесените последни три одлуки на Владата коишто се однесуваат на централното градско подрачје и воопшто просторот којшто не засега нас, во нашиот отпор, борба, каде што сме на браникот. Тие одлуки го прогласуваат просторот каде што се наоѓа ГТЦ - од посебен интерес. Но, што значи тоа, посебен интерес, во законот не е никаде дефинирано, колку е државен, колку е јавен и зошто би имала Владата дискреционо право да одлучува за него, никаде не е правно дефинирано. Значи, постои основ Уставниот суд тоа да го преиспита или укине, сé додека не се дефинира терминот „посебен интерес“. Тоа особено се однесува на сензитивната област на културното наследство, затоа што сме сведоци последните години дека статусот на културно наследство, градителско, архитектонско од централното градско подрачје беше менувам, стихијно, неодговорно и без студија, којашто би ги извадила аргументите и контрааргументите.
Во таа смисла, ГТЦ статусот на културно наследство го има загубено со правен акт, решение од Управата за културно наследство при Министерството за култура, без никакво образложение! Сепак, сега, се предвидува некаква градежна интервенција врз ГТЦ, на којашто Владата добива слобода да одлучува според членот 50 од тој Закон. Тоа е една деликатна материја, којашто бара верификат низ време, затоа што се работи за одредување на режимот на заштита, на можност за одржливост на објектите и многу други научни аспекти. Тој процес траеше подолги години, така да фактички некое дефинирање на режимот на заштита на ГТЦ не постоеше, но се знаеше дека е во редот на евидентирани објекти, комплекси коишто треба да се заштитат.
ЦИВИЛ Медиа: Дали има законски рок до кога Уставниот суд треба да донесе одлука?
ПАВЛОВСКА: Не постои законски рок, но постојат чекори во однос на процедурата. Уставен суд ќе разгледа дали има законски основ, за да се постави Иницијативата на седница. Кога ќе ја проценат уставноста на таквиот сегмент од правната регулатива, ние предлагаме во Иницијативата на седум страници, во образложението - што да се преземе, а Судот ќе одлучи дали тоа ќе го направи, како интервенција којашто е дел од нашиот правен систем. Но, во епилогот на одлучувањето на Уставниот суд, не можеме да бидеме сигурни, затоа што тој во последниот период, со сигурност може да се каже, има некакви несигурни критериуми. Наше е ова да го направиме, ако не за друго, пред историјата, пред совеста, пред себеси, и воопшто, како показ дека имаме слабости коишто мораме да ги надминеме, кои што се забележени и со граѓанската реакција. А, со Иницијативата алармираме, тоа да се коригира, измени, дополни, да се продолжи натаму со имплементација на законот.
ЦИВИЛ Медиа: Сите објекти кои се „жртви“ на барокизацијата се репрезенти на духот на едно време, изградени во минатото општествено уредување, во нив се вткаени спомените (особено во случајот на ГТЦ) на скопјани, на граѓан(к)ите кои што сé уште битисуваат овде, се радуваат на животот на градот и неизбежно го интегрираат минатото и сегашноста? Како архитект кој целиот работен век го помина во одделот за урбанистичко и просторно планирање во Град Скопје, како експретседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, како го оценувате овој обид на власта за „барокизација“?
ПАВЛОВСКА: Тоа се неколку прашања и одговорот би бил слоевит. Она што е урбан развој на градот е широко подрачје, за коешто можеме да разговараме, во смисла на тоа, дека тој, како жив организам, еволуира и ги носи сите белези на уникатност. Јас сум од центарот на Скопје, но не само јас, туку и сите граѓани на Скопје, се емотивно врзани за својот град. Тоа е средина во којашто тие битисуваат и многу им е битно што се случува. Но, тоа е една приказна којашто можеби почнува многу одамна и која што има свои амплитуди... Имаше пад, како што е катастрофалниот земјотрес, па некакви економски растови или созревања како градска урбана средина. Но, секако најкарактеристична особеност на градот е негување на модерниот, современ израз во архитектурата во втората половина на 20-от век. Ние тоа го нарекуваме „модерна“. Таа сама по себе има некакви стилски определби, за коишто само стручните кругови знаат и ги препознаваат. Но, Скопје беше модерен град, сé додека, ако можеме така да кажеме легално избраната власт не одлучи да гради некакви други урбани политики, да конструира со ваквиот начин на градба, еден нов идентитет на градот, за којшто ниту имавме потреба, ниту ја препознаваме крајната намера, ниту има ефект, ниту авторот на тој проект, ги имаше предвидено некаде во минатото...
Значи, се работи за интервенција на просторот, којшто се девастира, вметнувајќи нови објекти, за една наметната стилска определеност, иако тоа е толку површно и полно со незнаење, така што не може да се смета за стил, а уште помалку да се нарекува „барок“. Но, тоа го усвоивме како термин и таа т.н. барокизација ги опфаќа и постојните објекти, коишто на одреден начин зборуваат токму за овој период, којшто е значен не само за градот Скопје од втората половина на 20-от век, туку претставува и архитектонска вредност од која учат студентите, се изучува како дел од нашата историја. Затоа, сé е зачинето со некаков декор, тоа се скулптурите на јавните простори и воопшто тие зафати на јавни простори, каде што граѓанинот е оној којшто треба да биде прашан, ако не - да ја донесе конечната одлука, барем некако да учествува.
Тој игнорантски однос кон струката и кон граѓанинот, продуцира еден ваков фронт, вакво здружување, можеби на примерот на ГТЦ некако избликна во процес со некаков емотивен набој и со силни пораки. Но, за жал, ете тие не допираат до оние што ги донесуваат одлуките или еве, само го одложија моментот на тоа сквернавење на една вредност како што е ГТЦ и навредување на чувството на граѓаните, коишто многу јасно го искажаа. Дури и за референдумот за ГТЦ може да се каже дека тоа беше силен исказ, зашто се добија многу позитивни изјаснувања, иако тој формално-правно не беше успешен, и малку е зачудувачки, неодговорно да се игнорираат тие резултати и сето ова што трае веќе четврта година. Значи, ГТЦ останува цел што треба да ја штитиме и очекуваме дека со последната Иницијатива до Уставниот суд, се создава еден нов показ дека граѓаните вака здружени, (а зад Иницијативата стои и Асоцијацијата на архитекти на Македонија, што е многу важен стручен став), сметаме дека тоа ќе одекне во нашето регионално опкружување и пошироко, и во интернационални кругови, за можеби и таа инфлуенца однадвор, да влијае врз некго што треба да одлучи, што понатаму.
Моника Талеска