Пелагонија е подготвена за референдум

ЦИВИЛ – Центар за слобода денеска беше во Битола, Могила и Прилеп каде што граѓанките и граѓаните  на инфо-штандовите ги оставаа своите пораки, ставови и размислувања во однос на референдумот.

„Ќе гласам за новото име, оти старото не ми се бендисува“, Кој е тој паметен што ќе го смени името свое“,  „Македонија е наша и ја сакам, сме за“, „За ЕУ и подобра иднина на младите“... беа дел од пораките на битолчан(к)и кои  утрово ги напишаа на инфо-штандот на ЦИВИЛ кој беше поставен на плоштадот Магнолија.

ЦИВИЛите потоа продолжија во Могила каде што жителите во импровизираната кутија за гласање ги оставаа своите анонимни пораки во однос на референдумското изјаснување.

„Против сите и за се! Секој за себе јас за мене“, „Секогаш Македонија никогаш Северна“, „Ќе гласам за доброто на сите“, се дел од анонимните пораки на могилчани.

Откако заврши посетата во Могила, тимот на ЦИВИЛ постави инфо-штанд на плоштадот во Прилеп каде што граѓан(к)ите ги оставаа своите пораки.

„Ќе гласам на референдумот за подобра Македонија“, „Бојкот“, „Ова е преубав и историски момент кој никако не треба да се прокоцка“, „Да за референдумот, за мене и мојата душа е голем празник но и сериозна одговорностза сите нас за иднината на Македонија“... беа пораките на прилепчан(к)и.

Настаните се дел од проектот „Гласам, значи постојам“ поддржан на Амбасадата на САД во Скопје.

Д. Муратов