Перспективи 2019: Сите критичари на едно место

Голем број критичари на општествено-политичката реалност се собираат на едно место, на конференцијата #Перспективи2019, на 13 февруари, во Скопје, Кино Култура, со почеток во 11 часот. Речиси сите што со години беа и останаа остри критичари на лошите политики и практики, без оглед на тоа која партија е на власт, се одѕваа на поканата на ЦИВИЛ да бидат дел од овој настан. Списокот на говорнички и говорници содржи значајни имиња од областа на политиката, медиумите и граѓанското општество, што секојдневно се чувари на објективните сознанија и факти.

Воведни излагања ќе имаат германскиот амбасадор Томас Герберих и Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска. Конференцијата условно предлага да се говори на темите „Меѓу надежите и реалноста“ (посветена на општествено-политичките процеси и економските прашања) и „Историски завршници и отворање на новите перспективи“ (Евроатлантски интеграциски процеси). Меѓу говорничките и говорниците ќе бидат проф. Мирјана Најчевска, Џевдет Хајредини (поранешен министер за финансии), Мерсиха Смаиловиќ (Легис), Бранко Героски (Плусинфо), Александар Кржаловски (МЦМС), Розета Трајан (ДКСК) и други. Ќе говорат и претставници на ЦИВИЛ кои ќе ги пренесат надежите и разочарувањата на граѓанките и граѓаните од целата земја. Агендата, како и секогаш кога се работи за настаните на ЦИВИЛ, останува отворена.

„Најдобро инвестираното време е она во кое се учи и се разменуваат ставови и сознанија. Затоа, терминот од 11 до 13:30 часот ќе биде одлична можност да се направи таа инвестиција. Сигурни сме дека оваа конференција ќе биде запаметена по сериозноста и критичкиот тон, како и секогаш“ – велат од тимот на организаторите на конференцијата.

Од почетокот на декември минатата година наваму, тимот на ЦИВИЛ МЕДИА направи низа прилози со политичари, експерти и активисти кои за јавноста ги претставија своите согледувања на изминатата 2018 година, како и своите прогнози и препораки за 2019 година. Освен тие прилози, при подготовките за оваа конференција земени се предвид и анализите, интервјуата и колумните на голем број носители на одлуки, како и авторки и автори што се дел од медиумската продукција, мониторингот и анализите на организацијата во изминатиот период.

Настанот е дел од проектот „Граѓанките и граѓаните за слободно општество“, финансиран од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

ЦИВИЛ Тим за односи со јавноста