„Законот за државна администрација е со низа недоследности и синдикалните работници бараат тоа да се промени. Законот има двојни аршини и се применува кога треба некој да се казни или да се избрка од работа, но кога треба да се награди, тогаш никој не презема ништо“, истакнаа синдикалните лидери, учесници на денешната трибина „Крикот на администрацијата и владењеето на правото“ што ја организираше Фондацијата „Фридрих Еберт“ - Канцеларија Скопје.
Генералниот секретар на Синдикатот на Управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ), Трпе Дејановски рече дека досега немало пријава за притисоци или за казнување на државните административци, меѓутоа, минатата година имало пилот-програма за оценување: „Имавме случаи кога луѓе кои работеа по дваесетина години во институции, биле казнети со 'двојка' или 'тројка', затоа што не биле на митинг на одредена политичка партија“.
„Овој закон е 'наполнет пиштол' за другата власт, ако дојде таа, да може селективно да избрка од работа 5 отсто од администрацијата. Ако земеме 5 отсто од 130 илјади вработени, тоа се 6. 500 вработени, и тие ќе може да бидат избркани без проблем! Меѓутоа, досега ни беше одговарано дека овој закон нема да се измести ниту милиметар, и дека ние како Синдикат на УПОЗ, штитиме неработници и криминалци“, истакна Дејановски.
Тој додаде дека им било кажано оти законот е донесен според примерите на Велика Британија и на скандинавските земји.
„Нам не ни треба закон од скандинавските земји, нам ни треба наш закон, бидејќи имаме институции каде што четириесетина вработени - работат на три компјутери, истовремено, службеникот е и нотар и член на ДИК... Донесоа закон за сите административци да знаат странски јазици, а истовремено, има законски акти, каде што пишува дека е забрането да комуницираат со странки. Тогаш, што ќе им се странски јазици, за да разговараат во канцелариите меѓу себе?“, истакна Дејановски.
На трибината учествуваа и Александар Колеќески од Македонскиот центар за европско образование, Виктор Илиевски од Синдикатот на културата на Република Македонија -(СКРМ), Пецо Грујовски претседател на Синдикатот на УПОЗ и Неда Малеска -Сачмаровска од Центарот за управување со промени.
На трибината присуствуваше и Стево Пендаровски, кандидат за пратеник на СДСМ, кој одговори на прашањето на синдикалците како ќе го применат законот за администрација ако победат на претстојните избори и дали бркаат административци од работа.
Пендаровски истакна дека доколку победи СДСМ на изборите, нема да биде никој избркан од работа, туку дека ќе има прераспределба и дообучување на државните службеници.
„Слушам дека ги плашат државните службеници, дека ако победи СДСМ, сите ќе бидат избркани. Тоа се лаги и никој нема да биде избркан, освен тие што имаат извршено криминал!“, потенцираше Пендаровски.
Милан Живковиќ од ФЕС, истакна дека претставници на сите политички партии беа повикани да учествуваат на дебатата, но дека освен претставниците на СДСМ, никој не дошол да ги слушне проблемите и барањата на стечајните работници и на администрацијата.
Дехран Муратов