По три години, Уставниот суд отфрли иницијатива за екстерното тестирање!?

Уставниот суд ја отфрли иницијативата поднесена од група професори од битолското техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ која се однесува на неколку одредби од Законот за средно образование, во делот на екстерното тестирање.

Уставниот суд донесе одлука дури три години откако професорите ја поднеле иницијативата. Иницијативата беше поднесена - за ученикот кој е незадоволен од резултатите од тестот за екстерно оценување, да има право да поднесе приговор до училишната комисија. Сепак, судот оценил дека тие одредби веќе не се во правниот поредок.

Во тој период, Законот за средно образование беше сменет неколку пати, а оспоруваните одредби  се однесуваа на начинот на составување на тестовите, на спроведувањето на екстерното и на вреднувањето на успехот на наставниците и учениците.

Екстерното тестирање е најкритикуваната реформа во средното образование. Средношколците пред две години одржаа масовни протести и маршови, а повеќе од еден месец кампуваа пред просториите на Министерството за образование и наука. Но, власта не се откажа од спроведувањето на екстерното тестирање. Па така, следното полагање е во јануари, кога ќе го полагаат учениците од завршните години во средните училишта.

Уставниот суд дополнително ќе утврди термин кога ќе разгледува уште една иницијатива за екстерното тестирање, поднесена во септември минатата година, од Наставничкиот пленум, со потписи од над 1.000 наставници. Наставниците регираа поради нелогичностите кои се појавуваат при спроведувањето на екстерното, како на пример, впишувањето на единица од тестот во свидетелството, казните и несоодветниот третман кон наставничкиот кадар при оценувањето на работата.