Под закана на демонстрантите, ДИК ги одбива приговорите!

На денешната седница Државната изборна комисија ќе одлучува дали ќе се повтори гласањето на Избирачкото место 396/1, во Гостивар, во Втората изборна единица. Според податоците - дали гласови од тоа избирачко место би можеле да влијаат врз изборниот резултат, ДИК ќе донесе одлука за прегласување.

„Повторувањето на гласањето се реализира во случај ако вкупниот број на запишани избирачи во избирачкото место каде гласањето е поништено, влијае на целокупниот резултат за изборната единица. Во овој случај,  има вкупно запишано 892 избирачи во Избирачкото место во Избирачката единица 6, така што треба да се направи дополнителна симулација, дали тие 892 избирачи би влијаеле на резултатите, односно, врз распределбата на мандатите за Изборната единица 6“, изјави вчера портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска.

Во Изборната единица 6, разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е 307 гласа.

Според претседателот на ДИК, Алксандар Чичаковски, поради безбедносни причини седницата синоќа беше прекината, па денес, ќе се разгледува и последниот приговор од СДСМ.

ДИК вчера, на седницата која започна со двоиполчасовно доцнење, со шест гласа „за“ и три гласа „против“, го прифати приговорот на Беса и го поништи гласањето на едно избирачко место во Гостивар, каде друго лице се потпишало на местото на граѓанката Фатиме Сулејмани, што беше констатирано со вештачење на графолог.

Државната изборна комисија едногласно го отфрли приговорот на СДСМ, кој се однесуваше на постапката за утврдување на резултатите од гласањето на Избирачкото место 2016, откако се изврши увид на целокупниот изборен материјал со отворање на вреќата со гласачките ливчиња и со утврдување дека бројот на гласови се совпаѓа со записникот од избирачкото место.

prd-dik

Коалицијата предводена од СДСМ поднесе осум приговори, пет беа одбиени од ДИК, а два беа повлечени од претставникот на СДСМ и коалицијата.

За сето време на дводневната работа, ДИК беше изложена на притисок од толпата која протестира пред објектот, од каде одекнуваа пукотници, петарди, огномети, а покрај бурињата во кои гореше огин од камионот дрва за огрев што непознат донатор им го подари на демонстрантите, учесниците на протестот пееја, скандираа, се закануваа, и порачуваа дека ја бранат Македонија. Некои пиеја ракија и играа оро на студеното време, други им одговараа на новинарите дека ја бранат Македонија.

15595941_1443970168964495_416770731_o

Неколку стотици приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ од повеќе градови дојдоа во Скопје, како што изјавуваа, да го искажат својот револт од работата на ДИК. Според непотврдени инфомрации на одделни медиумите, дел од нив спиеле во празните кревети на медицински установи, а дел ги минуваат ноќите во автобусите со кои дошле во главниот град. Објектот во кој се канцелариите на ДИК, вчера беше под силно полициско обезбедување. од стотина припадници на ЕБР, а тензичната атмосфера се закануваше и со обид за пробивање на полицискиот кордон во еден момент, особено по заканувачките тонови на дел од говорниците, функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои со закани го „разгоруваа“ незадоволството во насобраната маса.

Ексминистерот Диме Спасов порача дека и денес демонстрантите ќе бидат пред ДИК, а Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ синоќа одржа прес-конференција на изрази сомнеж во веродостојноста на пријавените неправилности во Шестата изборна единица: „Ова е изборниот инженеринг за кој што предупредувавме како ВМРО-ДПМНЕ. Ова е сценариото на постизборен инженеринг што треба да биде реализиран по нечија наредба“

Оваа вест е достапна и на: English