По повод Меѓународниот ден на Ромите - 8 Април, Здружението „Романо Авази“ организира „Марш на гордостта и достоинството“.
“Со овој марш ќе биде испратена порака дека ние не сакаме да бидеме Роми само еден ден во годината. Власта треба да вложи поголеми напори за состојбата на Ромите да се подобри и да стигне на ниво како кај останатите заедници кои живеат во Македонија“, се вели во соопштението на ова здружение.
Протестниот марш ќе започне во среда на 8 април, во 11:45 од Топаана, преку улицата „Самоилова“, до Владата. По маршот ќе се поднесат барањата до Владата на Република Македонија за решавање на проблемите на ромската заедница.
Барањата на „Романо Авази“ се:
Измени на Правилникот за користење на социјална парична помош; почитување на охридскиот Рамковен договор и правична застапеност на Ромите при вработувањата; почитување на основните човекови права и прекинување на дискриминаторските постапки на граничните премини и јавно извинување на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска за навредата на ромската заедница.
ЦИВИЛ – Центар за слобода целосно ги поддржува оправданите барања за подобрување на состојбите на Ромите во секој политички и социјален сегмент.
ЦИВИЛ остро реагираше веднаш по објавените аудио снимки со навредливиот речник на министерката Јанкуловска кон Ромите. И тогаш, ЦИВИЛ - Центар за слобода побара јавно извинување кон Ромите и одговорност за искажаната навреда.