Македонски граѓани и граѓанки од повеќе градови низ светот ја поддржуваат „Шарената револуција“ и активно ја искажуваат својата поддршка на социјалните мрежи.
Демонстрантите во Амстердам бараат повлекување на аболицијата, оставка на Иванов, одложување на изборите, како и Уставниот суд да се произнесе за уставноста на СЈО. На вчерашниот протест тие побараа и формирање на преодна влада која би ги исполнила барањата од „Извештајот на Прибе“.
Демонстрантите во Франкфурт направиле монтажа од фотографии, каде пред знакот на Европската унија се фотографирале, држејќи транспаренти на кои пишува „Шарена Револуција“ или „Протестирам“.
Македонците во Канбера, Австралија протестираа и му ги испратија своите барања во форма на писмо на македонскиот амбасадор:
„Повлекување на одлуката за аболиција на сите оние за кои се води истрага и е покренато обвинение од страна на Специјалното јавно обвинителство, oставка на Ѓорги Иванов поради грубо прекршување на Уставот и законите, преодна влада на национален спас од најмалку од две години која ќе обезбеди услови за демократски избори, вклучувајќи го пописот на населението, повлекување на одлуката за одржување на избори на 5 јуни и прочистен Избирачки список, независни медиуми, департизирани државни институции, судство, образование...“, се вели во писмото.
Поддршката стигнува и од Етиопија. Вчера на Фејсбук осамна слика на профилот на скопјанецот Јетон Старова, каде што тој е сликан со своите колеги како држат транспарент на кој на англиски пишува „Ние ја сакаме Македонија. Нема правда, нема мир!“
Пред македонската амбасада во Брисел, група Македонци се собраа со транспаренти „Протестирам“. Фотографии од поединци кои протестираат се појавија и во Белгија и во Германија.
Освен во овие градови, деновиве протести веќе се одржаа во Лондон, Мелбурн, Њујорк, Виена и Берлин. За следниот викенд е закажан протест на македонски граѓани во Хаг.
Продемократските протести продолжуваат и оваа недела во повеќе градови во Македонија.