Цивил - Центар за слобода во контекст на евидентен недостаток од политичка дебата и со цел да придонесе во јакнењето на демократските процеси и информирањето на јавноста, вчера испрати покани за интервју до сите претседателски кандидати. Имено, покрај поканата, до нив беа доставени унифицирани прашања кои сметаме дека се важни, а се во однос на актуелните политички прашања, нивните стратегии и идни планови.
Редакцијата на Цивил Медиа ќе се обиде да добие ставови од кандидатите по однос на следните прашања:
- Дали спорот со името е најголем проблем на Македонија?
- Може ли да дадете Ваша оценка за безбедноста во Македонија?
- Дали како претседател би се ангажирале да се подобри состојбата со маргинализираните групи во Македонија, како што се категориите граѓани опфатени со Законот за антидискриминација, како и оние кои не се опфатени во овој закон?
- Што ќе направите во врска со слободата на медиумите?
- На кој начин ќе придонесете за подобрување на меѓуетничките и меѓурелигиските односи?
- Дали имате увид во тоа колку пари ќе потрошите за изборната кампања?
Досега на поканата позитивно одговори претседателскиот кандидат од Граѓанската опција за Македонија, г-динот Зоран Поповски, а од останатите нашата редакција сѐ уште очекува повратна информација. Искрено се надеваме дека кандидатите ќе ја искористат оваа наша покана како можност да проговорат за предложените теми кои се од интерес за сите граѓани на Република Македонија, чиј претседател претендираат да бидат во иднина доколку бидат избрани.
Петар Стојковиќ