Дваесетдневната кампања за изборите за пратеници во Собранието закажани за 15 јули започна денеска и ќе трае до 12 јули на полноќ, по што следува тридневен изборен молк.
На првиот ден, караванот на Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ започна во Струмица и Виница. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, од Струмица истакна дека имаат план и модел за успешно справување со последиците на корона кризата, за посилен економски раст и поодговорни институции.
„Градиме држава за достоинствен живот за сите. Инвестираме во македонското здравство, за уште поголема грижа за здравјето на граѓаните. Создаваме земја на слободни и одговорни луѓе, држава која ги решава проблемите на ефикасен и праведен начин. Држава која обезбедува почитување на законите и неселективна казнивост за криминалот“, порача Заев од Струмица.
Љупчо Николовски од СДСМ, во Виница изјави дека бараат чист мандат за да направат уште повеќе и уште подобро. „Програмата е навистина најдобрата програма досега. Ветувањата се исклучително реални бидејќи работевме домаќински изминативе две и пол години, а со членството во НАТО и преговорите со ЕУ ќе направиме уште повеќе зошто ни се отвораат врати кои отсекогаш ни биле затворени“, порача Николовски.
Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ „За обнова на Македонија“ изборните активности ги започна во Охрид, Скопје, Струмица и Тетово.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, беше во Охрид, заедно со Игор Дурловски. „Од Охрид им порачуваме дека силно ќе победиме, нема да дозволиме ништо да нѐ поколеба. Нема простор за разочарување, туку за борба“, истакна Мицкоски.
ДУИ имаше промотивна конвенција на кандидатите во Преспа, каде го презентираа кандидатот за прв премиер Албанец – Насер Зибери кој рече дека оваа номинација и понуда, која му ја пружи Ахмети, претставува чест за него
„Обештетување на граѓаните, одговарање на политичарите за неисполнети предизборни ветувања, следење на имотната состојба и барање доказ за потекло на имот, младите да бидат дел од системот без партиска припадност, враќање на квалитетен образовен систем е само дел од понудата на Македонски концепт на овие избори. Почеток на кампањата беше означен пред просториите на канцеларијата на Европската унија во државава како симбол на вредностите на коишто се стремиме, а сме далеку од нив“, изјави Петар Богојески од Македонски концепт на првиот ден од изборната кампања. Богојески истакна дека ова е последна шанса да се покаже дека граѓаните не се согласуваат со политичарите и дека треба да ја вратат државата во свои раце.
Превремените парламентарни избори се закажани за 15 јули започнува денеска и ќе трае до 12 јули на полноќ, по што следува тридневен молк.На предвремените парламентарни избори, според поднесените листи до ДИК, ќе учествуваат 15 коалиции и партии со 1.598 кандидати.
Во пресрет на предвремените парламентарни избори, ЦИВИЛ испрати прашалник до сите политички партии што учествуваат во изборниот процес.
Прашањата се јавни и доставени и до медиумите, а објавени се и на медиумската платформа на организацијата.
Дали партиите имаат протокол за заштита од коронавирусот и во што се состои тој? Каде е објавен протоколот и на кој начин се известени јавноста и активистите, кандидат(к)ите и партиските функционери на Вашата партија за мерките за заштита од коронавирусот за време на кампањата и изборниот ден?
ЦИВИЛ ги праша партиите и за тоа какви мерки за заштита ќе преземат и за време на теренските активности.
ЦИВИЛ ги повикува сите учесници во изборниот процес максимално да ги почитуваат добрите изборни практики, демократските стандарди и законските регулативи и да придонесат кон слободни, фер и безбедни избори.
Правото на глас е неприкосновено човеково право и мора максимално да се почитува!
Бараме од политичките партии да го почитуваат Изборниот законик, Уставот и законите на Република Северна Македонија, да ги почитуваат протоколите и мерките за заштита од коронавирусот, да го почитуваат изборниот молк и да ги сопрат евентуалните планови, ако такви постојат, за изборен поткуп, притисоци и манипулации.
ЦИВИЛ ќе има и свои набљудувачи и ги потсетува сите заинтересирани да станат краткорочни набљудувачи на изборите дека крајниот рок за аплицирање е 26 јуни, на полноќ.
ЛИНК ДО АПЛИКАЦИЈАТА
Изборот на набљудувачите ќе биде завршен на 29 јуни, за да се започне со обуки веднаш потоа. ЦИВИЛ ги повикува сите заинтересирани полнолетни граѓанки и граѓани да аплицираат за краткорочни изборни набљудувачи.
Како што е познато од претходните соопштенија на оваа тема, функционери и активисти на политички партии немаат право на учество на овој повик. Не е дозволено да се биде набљудувач во две организации истовремено.
Мониторингот на ЦИВИЛ подразбира мобилност, посветеност и непристрасност. Сите набљудувачи на ЦИВИЛ се мобилни и имаат обврска да покријат повеќе избирачки места во текот на изборниот ден.
А. Петровска