Во Цивил се евидентираат случаи на злоупотреба на јавните ресурси од страна на политичките партии во предизборната кампања. Во неколку општини низ Македонија, вклучувајќи неколку скопски општини, се забележува активна работа на градежни и други проекти. Според изборните прописи не е дозволено започнување и активно работење на нови проекти, поточно на зафати кои не се започнати пред изборната кампања. Не е сосема јасно дали тие проекти се започнати пред почетокот на изборниот процес или не, но во секој случај се ставени во контекст на изборите.
Набљудувачите на Цивил известуваат дека сите вработени во една скопска општина, вклучувајќи ги сите службеници од сите сектори, добиле обврска да станат членови на одредена партија и активно да се вклучат во кампањата на претседателската трка. Освен тоа, вработените се обврзани да ги зачленат сите членови од потесното семејство, роднините и пријателите во партијата.
Во Скопје се забележуваат повеќе градежни работи, работење на коловозите односно фарбање на белите линии, пополнување на дупките на повеќе улици.
Почнувајќи од службените возила, канцелариите, па сé до вработените и буџетите на општините, ресурсите кои треба да бидат во служба на граѓан(к)ите се ставени во функција на партиска пропаганда во двојните избори во земјата.
Марко Петревски