Полицајци вршеле партиски притисоци на локалните избори

Демонстрација на сила, примена на крајно недемократски и репресивни мерки, омаловажување и закани, влевање страв на граѓаните се дел од мерките со кои владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја освои власта на последните избори во повеќе општини од кај што вакви сведоштва доаѓаат дури три години по локалните избори во 2013 година.

Искуството кое што О.А. се охрабри да го сподели со нас е можеби еден од најеклатантните примери за агресивниот манир на водење на кампањата и самиот изборен процес, во случајов со поддршка на вработени во МВР.

О.А. има четиричлено семејство и со труд и мака, со тутунопроизводство, се обидува да ја обезбеди егзистенцијата на своето семејство. Овој човек не е симпатизер на политиките на власта. Токму затоа, за време на изборната кампања за последните локални избори му било наложено да гласа за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Дојдоа дома двајца членови на ВМРО-ДПМНЕ, едниот Х. Б. вработен во МВР, а другиот исто така ми е познат од селото, Г.Б.  Ми се заканија дека ако не гласам за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, ќе страдаме и јас и моите деца. Ми рекоа: `Ќе ти дадеме партиска книшка, а ако не гласаш ќе бидеш бележана овца и ќе страдаш!` Но, јас им кажав дека ќе гласам за кого сакам, се расправавме и се скаравме на крај“, вели О.А.

Тој, сепак, инсистира на својата анонимност. Вели дека не му е страв за него самиот, туку стравува за своите деца. Се плаши од можни последици во текот на нивното образование.

„Не знам што можат да направат, затоа треба да внимавам. Но, ако дојде коса до рамена, ќе кажам сѐ како беше, не се плашам за мене ни малку и сѐ што кажувам е вистина“ - вели овој тутунопроизводител.

Овие притисоци од страна на вработениот во МВР, врз нашиот соговорник, да гласа за ВМРО-ДПМНЕ, резултирале со вербален конфликт, при што О.А. бил пријавен во полицијата во селото, а потоа и во партискиот штаб во градот.

Загрижен за семејството, овој човек одлучил да не се спротивставува натаму. Тој навидум подлегнал на заканата. Така, на денот на изборите, пред неговата куќа, дошол познат човек со такси возило, го однел до избирачкото место, каде што требало да го заокружи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Не, не гласав за нивниот кандидат, не можев да го дозволам тоа, мое право е за кого ќе гласам, но не им кажав. Им беше сомнително, откако ги броеле гласовите и гласачките ливчиња, сфатиле дека не сум гласал за нив. Повторно реагираа, но јас не им признав. По изборите, пак ми се заканија дека ќе бидам обележан, дека каде и да одам, не ќе можам да завршам работа додека се тие на власт, ми рекоа, и во банка, и кога ќе го предавам тутунот, секаде ќе ми прават опструкции. И тоа се случи, тутунот ми го проценија класа подолу“ - вели О.А.

Овој човек тврди дека неговото искуство не е изолиран случај, туку дека врз многу жители во селата се вршел притисок на ист начин.

„Имаше многу такви работи, сите така, ги земаа од дома со автомобил, старите луѓе кои не знаат да гласаат, со сила им кажуваа што да заокружат. Имаше неподвижни луѓе, кои гласаа дома...“, додава О.А.

Тој вели дека и по овие настани имало партиски активисти од власта кои ја злоупотребувале својата функција. Тие по телефон на жителите им нуделе работни места, а некои кои гласале за ВМРО-ДПМНЕ ќариле работни места. Исто така, имало граѓани кои за лојалноста биле наградувани со државно земјиште.

О.А. го сподели со ЦИВИЛ ова негативно искуство, со надеж дека ќе придонесе во иднина да се спречат ваквите форми на насилство, како инструмент за одржување на легитимитетот на власта.

Тој со оваа своја граѓанска исповед, придонесува да се врати демократскиот амбиент, во кој сите граѓанки и граѓани на Македонија ќе можат слободно, без притисок и закана, да го искористат своето уставно право, да го дадат својот глас за опцијата и политиките на партијата, преку кои веруваат дека ќе го остварат своето право.

Текст и камера: Моника Талеска

Оваа вест е достапна и на: Albanian