Полиција против полиција во Куманово

Набљудувачите на ЦИВИЛ јавија за обид за апсење на Стојанче Величковиќ, началник на СВР Куманово, поставен од министерот Оливер Спасовски, кој е од редовите на опозициската СДСМ, според Договорот за надминување на политичката криза. Силно вооружени и маскирани припадници на специјалните полициски сили, со оклопни возила и џипови, пристигнаа пред домот на Величковиќ околу 18 часот вечерва, со налог за претрес и приведување од Основното јавно обвинителство.

По совет на колега во пензија, Величковиќ не дозволил да започне претресот пред да дојдат неговите правни застапници од Скопје.

Во меѓувреме, се собраа над двесте граѓани пред куќата на Величковиќ, во знак на протест против апсењето. Тие скандираа „Македонија, Македонија!“ и бараа од полицајците да ги симнат маските и да застанат на страната на граѓаните. Повеќе граѓанки и граѓани го поздравија присуството на набљудувачите на ЦИВИЛ и побараа да нотираат дека Величковиќ живее во етнички мешано соседство и дека е почитуван и поддржуван од сите заедници. Некои од нив споменаа дека оваа атмосфера е многу налик на дводневната безбедносна криза во Куманово, 9-10 мај 2015 година.

„Јас сум од Лопате. Слушнав од еден колега... На 100 луѓе им се јавив да дојдеме тука да му дадеме поддршка. Ако е виновен нека го апсат, ама не е! Гледав какви криминали прават за избори овие од ВМРО и ДУИ...“ - изјави еден учесник во протестот.

„Вечерва во Куманово се обидоа да го уапсат началникот на полицијата. Начекаа некои услови од Пржинскиот договор и веднаш првиот ден од изборите, кои уште не се конечно завршени, сите знаеме дека се уште има рок за преговори и прегласување, да се обидат да му монтираат наводен изборен фалсификат... Пораката овој пат не беше само за кумановци, туку и обидот да попуштиме пред диктатурата која е во заминување... Да не беше силната поддршка на народот, ќе се обидеа да му монтираат изборен фалсификат, злосторничко здружување или не знам каков криминал... Тоа се сѐ конструкции на криминалните структури како Чавков и други, со цел да го скршат отпорот и демократскиот глас на народот.“ – коментираше една граѓанка која учествуваше на протестот.

Величковиќ замина во непознат правец

Величковиќ замина во непознат правец

Под притисок на насобраните граѓани кои протестираа против обидот за апсење, полициските сили заминаа по двочасовен претрес, додека началникот Величковиќ замина со такси во непознат правец. Тензиите траеја речиси четири часа, по што протестот заврши околу 22 часот.

ЦИВИЛ ги информира и меѓународните претставници за овој настан, по што и нивните набљудувачи се упатија кон Куманово. Според анонимни извори на ЦИВИЛ од теренот, функционери на МВР од редовите на ВМРО-ДПМНЕ му се заканувале на началникот Величковиќ дека е на листа за апсење.

Билјана Јордановска