Кога завршив новинарство и почнав да пишувам и да работам како млад новинар, не бев свесен дека ќе се најдам во ситуација да морам да им давам „отчет“ на полицајците за мојата работа и за тоа дали смеам да снимам или фотографирам одредена ситуација. Но, праксата покажа дека бев млад и наивен и дека тоа што го учев на факултет и тоа што се случува на терен не е исто.
Првото соочување со полицијата беше додека работев во веб-порталот НОВА ТВ кога гo следев протестот на стечајците пред Собранието на Република Македонија. Одненадеж, полицајците се стрчаа кон паркот „Жена борец“. Полицијата на брутален начин приведуваше неколку Роми бездомници. Иако се се одвиваше брзо, сепак, успеав да снимам дел од полициската „акција“. Додека полицајците водеа еден од приведените да го качат во полициско комбе, забележаа дека ги снимам и на многу „културен“ начин ме „замолија“ да ги избришам снимките со зборовите: „Абе мајмун, одма да ги избришеш снимките. Дојди ваму...“
Целиот случај го проследија и неколку активисти вклучувајќи ја и Уранија Пировска од Хелсиншки комитет, која побара од полицајците да ѝ кажат според кој член од законот бараат од новинар да ги избрише снимките. Полицајците не знаеја да ѝ кажат на Пировска ниту на мене дека постои некој пишан закон. Ситуацијата набрзо се смири, откако полицајците видоа дека нема да ги избришам снимките.
Следната средба со полицајците ми беше додека го следев настанот поврзан со Ласте Ивановски, избркан од Царина затоа што службеното возило го вратил два часа подоцна. Тој со неговата колешка протестираа пред Царинската управа во Скопје, бидејќи повеќе од пет години ја бараа правдата. Додека протестираа само четворица, од кои еден малолетник, пред Царина дојде полициско комбе и еден автомобил на специјалната единица „Алфи“. Тие беа фини и пред да си заминат на Ласте му рекоа правдата да си ја бара во надлежните институции и да не прави проблеми затоа што ќе мора да се вратат да го земат во станица. Откако си заминаа „Алфите“, дојдоа полицајците и на Ласте му рекоа дека не може само четири лица да ја блокираат улицата и доколку не се тргне на страна, ќе мораат да го однесат во полициска станица. Додека се одвиваше разговорот, телефонот ми беше в рака, на што реагираа полицајците и побараа да им го дадам телефонот. Бидејќи не снимив ништо, затоа што немаше потреба да снимам, им го дадов да видат дека немам никаква снимка. Откако не се снајдоа со менито на телефонот, морав јас да им покажам дека имам само свои приватни снимки. На ова реагираше Борјан Јовановски, уредникот на НОВА ТВ и Здружението на новинари на Македонија. Од МВР по неколку дена излегоа со соопштение дека немало никакво прегледување на мојот телефон од страна на полицајците. Не се ни изненадив на соопштението од МВР, ќе се зачудев доколку кажеа дека полицајците извршиле грубо прекршување на слободата на медиумите и изразувањето.
Последна средба со полицајците ми беше пред извесен период кога протестираа средношколците. До ЦИВИЛ - Центар за слобода пристигна информација дека учениците во средното училиште „Јосип Броз Тито“ во Скопје се заклучени и дека не ги пуштаат да одат на протести. Веднаш со колегата отидовме пред училиштето да видиме дали е вистина дека вратите се заклучени. Додека стоевме надвор од училишниот двор, учениците почнаа да излегуваат од училиштето. Додека сликав, не ни забележав кога дојде обезбедувањето на училиштето и побара да ги избришам сликите. Откако не ги избришав тогаш морав да влезам во училиштето и да чекаме да дојде полиција. Додека ја чекавме полицијата дојде директорката и неколку професорки и со заповеднички тон побараа да ги избришам снимките. Секако, не ги избришав, а полицајците мораа да направат записник, кој бараа да го потпишам и да ветам дека нема да се доближувам до училиштето.
Причината да ги избришам сликите им била дека сум сликал без дозвола државен објект и дека сум сликал во рамки на училишниот имот. Прв пат дознав дека и надвор од капијата се смета за двор на училиштето. Уште посмешна причина е дека сум сликал малолетници без дозвола на нивните родители и дека сум го сликал училиштето без дозвола на директорката. Ги прашувам директорката и професорките, дали ги прашуваат родителите на децата кога со сликаат со премиерот Никола Груевски, градоначалникот Коце Трајановски, претседателот Ѓорѓе Иванов... Или да ми кажат пример дека некој дал дозвола да се слика доколку навистина децата се затворени во училиштето. Токму затоа постојат НОВИНАРИ - криминалот, злоупотребата на службената положба, корупцијата..., да ги објавуваат без согласност на инволвираните лица.
Со полицајците и специјалците се гледаме на протестите и се надевам дека ќе бидат понежни додека маваат по нас новинарите и пофини, додека бараат да ги бришеме снимките...!