Со лисици на рацете, туркан и влечен, навредуван и малтретиран неколку часа на скопскиот аеродром. Наместо да се качи на авионот за Лондон, вчера попладне, Димитар Шошев заврши со лисици на рацете. Се работи за еден од демонстрантите, приведени по протестите на 5 мај, за кои имаше експресно судење и му се изрече условна казна на 22 мај, по што беше ослободен, а потерницата распишана по него беше потпишана истиот ден.
Видно вознемирен и револтиран, Димитар ни сведочеше за неколкучасовното изживување врз него. Пред полетувањето на авионот со кој требало да патува, полицајците со кикотење го однеле да види како полетува авионот. Му ја држеле главата во насока на авионот кој полетувал во тој момент. Откако дошла потврдата дека не постои потерница по него, без никакво извинување, тој бил оставен на пат, со куферот кој му го вратиле видливо оштетен. Авионскиот билет му пропаднал.
Адвокатот Мирослав Вујиќ, кој го застапуваше на Шошев пред судот, ни потврди дека ова е груба грешка на Министерството за внатрешни работи, затоа што потерницата по Димитар била повлечена уште на 22 мај и дека биле должни да ја ажурираат во компјутерскиот систем веднаш. Тој вели дека институциите не функционираат и нѐ информира дека случајот на Димитар Шошев не е единствен и дека постојат повеќе вакви случаи.
Имено, полицијата имала повеќе од доволно време да ја спроведат судската наредба за повлекување на потерницата до вчерашниот ден. Да не говориме за недозволивото, незаконско и грубо однесување на полицајците. Освен низа други прекршоци, ова претставува и грубо ограничување на слобода на движење. Димитар е убеден дека е жртва на одмазда поради учеството во мирните протести на 5 мај.
ЦВИЛ – Центар за слобода остро протестира поради ваквото однесување на полицијата и бара ваквиот однос да престане веднаш. Одговорните за овој скандал веднаш да бидат земени на одговорност.
МВР е должно да преземе одговорност за малтретирањето и да му ја надокнадат сета материјална и нематеријална штета на Димитар Шошев, почнувајќи од исплата на пропаднатиот билет и оштетените лични предмети, до негово обесштетување поради нанесена нематеријална штета.
Оваа вест е достапна и на: Albanian