„Беа најдобрите времиња, беа најлошите времиња…“ Со овој израз на Дикенс, би ја опишала 2016-та година. Во оваа година ја почувствував еднакво и присутноста и отсутноста на силата, но, можеби последнава, највеќе ме трогна. Со разните општествени движења во Македонија и во регионот, ми се зголеми надежта во гласот на граѓаните и волјата да се употреби истиот, независно од тоа дали има кој да ги ислуша. Постојаноста на отпорот беше она што ми даде храброст и воедно надеж дека нема да исчезне, туку дека ќе порасне во поголеми размери. Оваа надеж, и нејзиното остварување, сега се поважни повеќе од било кога.
2016-тата беше тешка, иако со бранови што даваат надеж, немирите од политичката криза во Македонија, изборите во САД, изборите во Австрија, изборите во Македонија, немирите во Косово, војната во Сирија, немирите во Турција..., сите овие случувања направија да се почувствувам немоќна. Иако поголем дел од овие случувања се одвиваа во различни и далечни земји, поголемиот дел од процесите кои ги овозможија, беа напад врз вредностите кои ги почитувам, како личност која верува во човековите права, човековото достоинство и толеранција, и ги почувствував како лични. Резултатот од изборите во САД беа еден од најсилните удари врз мојата свест. Како активистка за човекови права, особено за најранливите категории и за жените, изборот на Доналд Трамп, во една земја која сé уште се карактеризира како демократска, беше многу поразувачки. Во тој момент, ми се причини дека сето она за што моите колеги и јас, сме работеле долго време, како што е човековото достоинство, меѓусебното почитување и толеранција, се доживеаја како губитнички вредности. Оваа победа ми покажа дека ништо не може да се прифати како дефинитивно достигнување, независно - колку позитивно тоа нам ни изгледа.
Обично, донаторите и активистите на новите земји гледаат како полиња во кои треба да се подобри демократијата, да се подигне свесноста за универзални вредности, како што се толеранцијата, човековите права, и, меѓу другото, слободата на изразување. Изборите во САД, како и порастот на поддрршката за партиите на радикалната десница во Европа, ги ставија во прашање присутноста и нивото на свеста за овие вредности во земјите за кои се смета дека се развиени и демократски. Ова значи дека за активистите на глобално ниво, ќе има, и ќе биде потребно многу работење на полето на освестувањето и повторното запознавање со вредностите што ги изградија западните општества по Втората светска војна.
Изборите во САД имаа импликации и врз изборите во Македонија, иако индиректно, преку давање сила на идеите на десницата. Но, тука вреди да се потенцира, дека иако резултатите на изборите во Македонија не беа тие што многу активисти ги посакуваа и очекуваа, сепак, тие не ги повредуваат движењата што се случија во разните градови низ Македонија. Јас, како истражувач на овие движења, не гледам на нивниот успех во постигнувањето на одредени цели, само како таков, туку и во фактот што движењата, за првпат, создадоа една метода на отпор над етничките групи и често, над партијата.
Оваа година беше и година во која беа откриени длабоки поларизации во општеството, и не само во Македонија, туку на светско ниво. Многу е важно во идната година, овие поларизирања да ги адресираме. Не со намера да им судиме, туку да ги разбереме. Ако нешто посакувам за 2017-та година, тоа би било да слушаме - за да разбереме. И критики, со цел - подобрување и градење.
(Авторката е активистка за човекови права)
Оваа вест е достапна и на: Albanian