56-те денови секојдневни масовни протести низ улиците на македонските градови, ги заменија герила-акции со одбројување до датумот определен со ултиматумот до власта од револуционерите. Сепак, заедничка карактеристика на сите демонстрации и протести на илјадниците граѓан(к)и, остана креативноста и желбата за итни промени во Македонија.
Претседателот Ѓорѓе Иванов на 12 април прогласи аболиција на 56 лица кои се под истрага на Специјалното Јавно обвинителство, меѓу кои се над дваесет политичари - Никола Груевски, Сашо Мијалков, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиевски и други. На листата на Иванов се најде и Зоран Заев кој, во законскиот рок, го одби овој срамен акт. Груевски и неколкумина од неговата група изјавија дека не ја прифаќаат аболицијата, но не поднесоа официјални барања да бидат изземени од „милоста“ на претседателот.
Аболицијата предизвика ерупција од граѓанско незадоволство што го поведе граѓанската иницијатива #Протестирам која се роди по обидот на власта да го прикрие бруталното убиството на младиот Мартин Нешковски кое го изврши полициски специјалец, ноќта по вонредните парламентарни избори во 2011 година.
Набрзо по почетокот на демонстрациите, граѓанското незадоволство прерасна во Шарената револуција - секојдневно, ненасилно изразување на граѓанското незадоволство.
Како ретко кое продемократско движење во светот, Шарената револуција манифестираше креативност, но и јасност во пораките и барањата.
Граѓанскиот револт прерасна во Шарена револуција! Демонстрантите секој ден фарбаа(т) некоја државна институција и спомениците од контроверзниот проект „Скопје 2014“. Шарената револуција започна со стотици демонстранти во Скопје, но набрзо протестите се проширија и во другите градови во државата.
Собирот на граѓани(к)ите започнуваше секој ден (освен во недела) во 18 часот пред Специјаолното Јавно обвинителство во Скопје, каде што се пишуваше голем транспарент како „порака на денот“. Беа напишани десетина главни пораки, покрај стотиците индивидуални транспаренти.
На четвртиот ден од протестите во Скопје се појави голем транспарент на кој пишуваше: #ПРОТЕСТИРАМ, #PROTESTOJ. Следниот ден забележителен беше помал транспарентот на кој пишуваше: „Мамата у книшка!“.
На наредните неколку протести, главна порака на демонстрантите беше големиот транспарент на кој пишуваше: ЕДНАКВОСТ! ПРАВДА! СЛОБОДА!
И членови на Сојузот на борци на Македонија се приклучија на дванаесеттиот протест во Скопје и го предводеа маршот со транспарентот на кое пишуваше: СОЈУЗ НА БОРЦИ НА МАКЕДОНИЈА.
Транспарентот на кој пишуваше: „СИЛНО СВЕТНА ДЕН“ на кој беше и ликот на Кочо Рацин, беше еден од највпечатливите транспаренти на 13-иот протест во Скопје.
На оградата на мостот „Слобода“ демонстрантите поставија голем транспарент на кој пишуваше: „ЈАС СУМ СЛОБОДА, ИМАМ ОГРАДА ОД 2.000 000 ЕВРА, ШТО ИМАШ ТИ?, РУИНИРАНИ СТУДЕНТСКИ ДОМОВИ, ИСЕЛЕНИ МЛАДИ, АПЕЛИ ЗА ДОНАЦИИ“... Пред Владата на Република Македонија беа фарбани насликани ликовите на платна на Никола Груевски и Ѓорѓе Иванов на кои пишуваше МАФИЈА и АБОЛИЦИЈА.
Демонстрантите кога ја фарбаа Државната изборна комисија носеа транспарент на кој пишуваше: „ДИКТАТОРСКИ ИЗБОРЕН КРИМИНАЛ“.
На 5 мај, на годишнината од убиството на Мартин Нешковски, демонстрантите носеа порака: „ПРОБАВТЕ ДА СОКРИЕТЕ УБИСТВО“, а додека толпата се движеше кон плоштадот од зградата спроти Триумфална капија беа спуштени два големи транспарента на кои пишуваше: „КРВТА НЕ СЕ КРИЕ“ и „СТОП НА РЕЖИМСКАТА БРУТАЛНОСТ“...
Со црвена боја беше обоен целиот плоштад во Скопје, со пораките „Правда за Мартин, слобода за сите“, „Убијци“, „Бојата се мие, крвта не се мие“... Граѓан(к)ите носеа и помали транспаренти: „Дојде 5 мај, пак ли ќе не тепате?“..., „Во скопско негде, на некој плочник, кај ВМРО в пир славеше в лете, УБИЈА ДЕТЕ!“..., „Рацете ви се извалкани со крв“...
Пред Владата демонстрантите со црвена боја ги обоија портретите на Груевски и на Гордана Јанкулоска, на кои пишуваше „УБИЈЦИ“.
Демонстрантите поставија картонски споменик на кој пишуваше: „МАШИНА ЗА ПЕРЕЊЕ ПАРИ 24/7, Влада на Република Македонија, и беа пуштени разнобојни балони во воздух.
На 9 мај, меѓународниот ден на антифашизмот, демонстрантите носеа транспарент на кој пишуваше: ANTIFA: ВЧЕРА, ДЕНЕС и УТРЕ... БОРБАТА ПРОДОЛЖУВА!!!
Додека ја фарбаа зградата на Управата за јавни приходи во Скопје, демонстрантите носеа транспарент: „ТРОШИМЕ ЗА ЧОКОЛАДИ, А НИЕ НЕМАМЕ НИ ЗА ЛЕБ!“.
По истекот на рокот за поднесување на листите за учество на изборите, граѓаните и порачаа на ВМРО ДПМНЕ, единствената партија која имаше доставена регуларна листа до Државната изборна комисија, дека „ЕДНОПАРТИСКИ ИЗБОРИ? ЊЕ МОЖЕ“.
Граѓанскиот протест на 17 мај беше во духот на одбележување на Меѓународниот ден на борбата против хомофобија, трансфобија и бифобија. Пред СЈО демонстрантите направија транспарент на кој пишуваше: „МОЛКОТ = СМРТ, #протестирам против селективна (не)правда“...
Кога се фарбаше Собранието граѓаните носеа транспаренти: „НЕМА ДА ВИ ПОМИНЕ!!“ и ШАРАМ - ПРАВДА БАРАМ!
На 25 април 2016 година, на Здравко Савески, членот на политичката партија Левица и на студентот Борјан Ефремов, Кривичниот суд во Скопје, им одреди едномесечен домашен притвор.
Додека на Шарената револуција доминираа пораките за еднаквост, слобода, правда, демократија, соживот..., на контра-протетестите што беа организирани од Граѓанско движење за одбрана на Македонија (ГДОМ), главната порака гласеше: „СЕКОГАШ СМЕ ТУКА ЗА МАКЕДОНИЈА“, а имаше и помали транспаренти на кои пишуваше: „Избори на 5 јуни 2016“, и неколку пораки против НАТО и ЕУ.
Поддржувачите на ГДОМ на своите контра-протести извикуваа: „Никој ништо не ти може Николааа..!“, и карактеристични беа македонските знамиња. Додека „шарените револуционери“ извикуваа „Нема правда нема мир!“, „Слобода“…, и можеа да се видат шарени знамиња и знамињата на сите националности.
Шарената еуфорија ги прифати и младите вмровци. Тие неколку пати и се „приклучија“ на Шарената револуција и фарбаа „споменици“ на СДСМ, направени од стиропор.
Во другите градови доминираа транспарентите: „НЕМА ПРАВДА НЕМА МИР“, „ШАРЕНА РЕВОЛУЦИЈА“, а граѓаните на Битола, му направија транспарент: „ЧЕСТИТО АБОЛИЦИЈА“, на градоначалникот Владимир Талевски.
По повод 23 мај, Денот на Власите на протестот на Шарената револуција, главната порака беше напишана на влашки јазик: NU TI KRIMINALU! NU TI ABOLISIA! - НЕ ЗА КРИМИНАЛОТ! НЕ ЗА АБОЛИЦИЈАТА!
СО ОВАА ВЛАСТ ОДИМЕ НА ПРОПАСТ!!!
СЕЛЕКТИВНА ПРАВДА НЕ Е ПРАВДА!!
Претседателот Иванов, на самитот на процесот „Брдо - Бриони“ што се оддржа во Сараево кажа дека во Македонија и Исус и Мухамед да се појават -ќе ги убијат. Иванов додаде нека не е неопходна сила, туку ум, умот војува. Тој истакна дека Александар Македонски бил тоа што бил затоа што имал учител кој се викал Александар, кој го научил сé, да биде трпелив, да се учи од другиот, да го искористи моментот и да биде подготвен на жртви...
Граѓан(к)ите, веднаш преку протестите на Шарената револуција во Скопје, на Иванов му порачаа: „ХОРХЕ ТИ СИ СРАМ ЗА МАКЕДОНИЈА“ и побараа да си даде оставка.
ЌЕ СЕ ЧАТАЛИМЕ ДО СЛОБОДА!!, беше главната порака која граѓаните ја упатија до министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, бидејќи на информативен разговор го приведоа возачот на возилото со кое се превезуваше бојата, чаталот и пластичните пиштоли.
СТАВ наместо СТРАВ!, гласаше главната порака на демонстрантите кои протестираа против аболицијата на Иванов. На протестот беше поставена макета на затвор, во која зад решетки беа ставени кукли со ликовите на аболицираните Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Мартин Протуѓер и Сашо Мијалков.
Откако полицијата повика на информативен разговор неколку активисти за човекови права, Уранија Пировска, Мирјана Најческа, Гордан Калајџиев..., демонстрантите преку транспарент на кој пишуваше: „СЕ ПРИЈАВУВАМ! И ЈАС СУМ ХУЛИГАН/КА!“, му упатија порака на Чавков дека џабе ги снима, нема да ги исплаши да излезат на улица.
На 29 мај одлуката на претседателот Иванов за повлекување на аболицијата за само 22 лица, демонстрантите ја прокоментираа со - „ШАРЕНА РЕВОЛУЦИЈА ПРОТИВ ШАРЕНА АБОЛИЦИЈА”. Тие истакнаа дека нема да се повлечат од улица и дека Шарената револуција ќе трае се додека Иванов не ја повлече целосно аболицијата. Истиот ден се оддржа и забава под наслов - „ИНФОРМАТИВЕН РАЗГОВОР“, на раскрсницата кај „Беко“, наместо пред полициската станица, како што беше првично планирано
Министерството за внатрешни работи поднесе 33 кривични пријави за демонстрантите учесници на Шарената револуција. Откако на седумина најистакнати „командоси“ на Шарената револуција во Скопје им стигна кривична пријава, демонстрантите упатија порака до министерот Чавков: КРИВИОТ ПИШУВА КРИВИЧНИ!!!
Инспирирани од информацијата дека се нарачани над 50 уметнички слики на високото раководство на ВМРО-ДПМНЕ за нивниот партиски штаб, демонстрантите на протест носеa „гоблен“ во кој беше врамена слика на раководството на партијата, но зад решетки. Главната порака гласаше: - НАШАТА УМЕТНОСТ Е БЕСПЛАТНА.
Граѓан(к)ите на протестите на Шарената револуција носеа и транспарент на кој пишуваше: ВИЕ КРИВИЧНИ, НИЕ ПОХРАБРИ!!! На протестот на Шарената револуција се приклучи и „Гатачката на Груевски“.
ОВА Е КРАЈОТ!!! ЗАРАДИ МАРТИН, ЗА СИТЕ!!, гласаше главниот транспарент на протестите кои беа во знакот на петгодишнината од смртта на Нешковски. Демонстрантите упатија ултиматум и бараа Уставниот суд да се произјасни за уставноста на СЈО и да престане полицискиот прогон за демонстрантите! Крајниот рок за власта за ултиматумот на демонстрантите, како што најави Симона Спировска во име на Шарената револуција, е 18-ти јуни. Демонстрантите најавија и изведоа блокада на сообраќајот во Скопје на 8-ми јуни. Плоштадот беше обоен во црвено, како симбол на пролеаната крв на невината жртва - Нешковски.
Аболицијата на Иванов на 56-те политичари ја разбуди креативноста кај граѓан(к)ите, имаше стотина транспаренти и слогани на сите јазици, дел од пораките беа: „Бараме казни за криминалот на власт“, ДПМНЕ се комунисти од нашето време“, „Ќути си ДУИ си“, „Сендвич по сендвич - диктатура“, „Опасно е да си во право кога државата греши“, „Солзи вмросници“, „Мењам еден Хорхе за 10.000 бегалци“, „Полиција насекаде правда никаде“... „Ова лудило мора да заврши“, „Шарена револуција, против фикус аболиција“, „Мафија на робија“, „Бетонот пукна, откажете се!“, „Избори без избор, нема да дозволиме!“, „Каде што има моќ, има и отпор!“... #Ж, ќе гласаш еден ден порано! #Идризово, „Сите сме изроди, само Грујо ќе оди во затвор!“, „Специјален суд за специјална мафија“.
Претседателот Иванов во своето излагање рече дека „аболицијата ја донел поради државен интерес за излез од кризата и спроведување на фер и демократски избори “... Но, место да се реши политичката криза, таа уште повеќе се продлабочи. Наместо да се спроведат услови за фер и демократски избори, за првпат во независна Македонија, имаше само една партија (ВМРО ДПМНЕ) поднесено листа до Државната изборна комисија, за предвремени парламентарни избори.
Демонстрантите по 56 дена успеале да го разубедат претседателот Иванов да ја повлече целосно аболицијата.
По 6 јуни, граѓан(к)ите продолжуваат со секојдневни герила-акции и со одбројување до датумот определен во ултиматумот за властите -18 јуни, преку испипшување на бројкот на деновите кои преостануваат.
Д. Муратов