Долгогодишната ерозија на демократијата, отсуството на владеење на правото, континуираното кршење на човековите права и слободи, медиумската контрола и структурното насилство, придонесоа кон постојан пад и на оценките во годишните извештаи на Европската комисија (ЕК) за прогресот на Република Македонија. Најновиот Извештај на ЕК е, накратко, пораз за земјата, а најмногу пораз за лошите политики и практики кои со години ги разградуваат општеството и системот.
Во изминатиот период, ЦИВИЛ – Центар за слобода, низ бројни проекти и активности, анализи, извештаи и препораки, постојано и трпеливо, јасно и гласно укажуваше на главните проблеми со кои се соочува демократијата во Македонија. Тие области се опфатени и во најновиот Извештај на Европската комисија за Република Македонија за 2015 година.
Во тој контекст, Комисијата констатира дека државата се наоѓа во најсериозна политичка криза од 2001 година, а која се интензивира по скандалот со големиот број прислушувани разговори во режија на актуелната власт. Пресретнатите комуникации кои вклучуваат високи државни функционери сугерираат кршење на основните човекови права, мешање во независноста на судството, слободата на медиумите и изборите како и корупција.
Во Извештајот на Комисијата, како и во Извештаите на ЦИВИЛ, се укажува на непостоење на политички дијалог, поделена политичка култура и неможност да се постигне согласност за суштински прашања од интерес за демократијата, правата и слободите на граѓан(к)ите, проблеми на кои со години се предупредува и во претходните извештаи на Комисијата.
Во фокусот на Европската комисија се и кревките меѓуетнички односи, пред сѐ, заради безбедносната криза што се случи во Куманово, со која се потврдува потребата од градење поголема доверба меѓу заедниците и превземање проактивни мерки за стабилизирање на меѓуетничките односи и зголемување на степенот на меѓуетничка толеранција.
Прашањата за неконтролираното и нетранспарентно трошење на државните пари и високиот јавен долг на Република Македонија, како детектирани проблеми и прашања кои ЦИВИЛ долго време ги поставува и бара одговор, како и нивно решавање, се дел од негативните економски критеиуми за напредокот на земјата, посочени од Европската Комисија во Извештајот. На ова се надоврзуваат и проблемите околу управувањето со јавните финансии и големата невработеност.
Секако, спроведувањето на Договорот од јуни и јули 2015 година, како и значајниот прогрес во имплементацијата на итните реформски приоритети во областите на заштита и почитување на основните човекови права и слободи, владеење на правото и правната сигурност, независно судство, слободни медиуми и низа други области, претставуваат услов од Европската Комисија за задржување на позитивната препорака на Република Македонија за отпочнување на преговори за членство во ЕУ.
Оваа вест е достапна и на: English