Посмртни фотографии на амбасадорите!?

Галерија со фотографии од повеќе амбасадори, странски дипломати и посредувачи, во комеморативни рамки со црни ленти и погребни свеќи, од утрово кружи по социјалните мрежи. Засега, не е познато кој е креаторот на ваквите некролози, но, според реакциите и досегашните коментари, грубата порака претставува повик на линч на амбасадорите.

d0lg63y

Меѓу „портретите“ може да се забележат ликовите на амбасадорот на САД, Џес Бејли, на германската амбасадорка, Кристине Д. Алтхаузер, на амбасадорот на Велика Британија, Чарлс Герет... Тука е и претставничката на Франција, Лоренс Оер, но и довчерашниот евроамбасадор Аиво Орав. Во „галеријата“ се вклучени и поранешниот медијатор во работните групи за Договорот од Пржино, Питер Ванхојте, како и европратеникот Ричард Ховит.

Оваа галерија беше пласирана на Интернет, откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевск, на протестот пред ДИК прочита проглас, преку кој обвини дека некои амбасадори премногу се мешале во внатрешната политика во Македонија.

„Државата мора суверено да ги носи одлуките. Некои амбасадори почнаа премногу да се мешаат во внатрешната политика на земјата. Тоа мора да запре. Остануваме отворени за соработка и комуникации со амбасадорите. Но, амбасадорите кои се мешаат, мора да престанат тоа да го прават. ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува на состаноци и преговори во кои учествуваат амбасадори или други странски претставници, на кои се носат одлуки за кои одлучуваат претставниците избрани од народот“, рече Груевски.

На социјалните мрежи не престанува говорот на омраза кон странските претставници, како и кон неистомислениците на ВМРО - ДПМНЕ.