Постизборна агонија: За кого работат ДИК и Управниот суд?

Постизборната агонија на Република Македонија е придружена со скандалозното однесување на институциите кои се најрелевантни за изборниот процес. Откако јавноста посведочи за крајно сомнителниот квалитет на работата на Државната изборна комисија (ДИК), во продолжение на процесот гледаме исто толку проблематичен однос на Управниот суд, кој ги прекрши принципите за јавност во работата, пропишани со закон, се вели во соопштението на ЦИВИЛ – Центар за слобода.

Со оглед на ингеренциите кои овој состав на ДИК ги има, според Изборниот законик, неприфатливо е ниското ниво на квалитетот на целиот изборен процес што се спроведе во земјата. ДИК не само што не успеа да ги надмине политичките притисоци, туку беше под политички диктат во текот на целиот изборен процес, исто како и македонското судство во кое спаѓа и Управниот суд.

Ние нема да заборавиме дека ДИК не им го овозможи правото на глас на сите граѓанки и граѓани со право на глас.

ДИК не само што не го прочисти Избирачкиот список, туку дозволи тој да стане една од алатките за изборна манипулација и измама. ЦИВИЛ ќе инсистира одговорните за оваа состојба да се соочат со последиците од хаваријата на Избирачкиот список и од кршењето на правото на глас.

dik-na-pauza

Понатаму, неприфатливо е игнорирањето на укажувањата и извештаите на ЦИВИЛ од теренот, кои говорат за голем број нерегуларности и кражба на гласови. Имајќи ги предвид овластувањата кои ги има, ДИК можеше да направи многу повеќе за да ги спречи притисоците, попречувањето на гласањето и жестоките злоупотреби на администрацијата и јавните ресурси, како во текот на целиот процес и на денот на гласањето, така и во текот на жалбената постапка.

Негативните оценки на изборниот процес не доаѓаат само од ЦИВИЛ, туку и од повеќе меѓународни организации кои имаа набљудувачки мисии во земјава. Со тоа што ништо не направи, не се изјасни во ниеден момент за бројните укажувања и критики, ДИК стана соучесник во уривањето на законитоста и на демократскиот карактер на овој изборен процес.

Да потсетиме, ЦИВИЛ, веднаш по денот на изборите, излезе со прелиминарен извештај во кој изнесе повеќе информации за текот на изборниот процес и денот на гласањето, а притоа, јавно упати и неколку препораки. Над 650 извештаи од теренот говорат за најмалку по една форма на изборна нерегуларност во текот на гласањето на 11-ти декември. Стотици нерегуларности се регистрирани и во текот на предизборниот период.

ЦИВИЛ јавно повика на пребројување на сите гласачки ливчиња, со оглед на сомнителниот начин на броење во еден дел од Избирачките места и високиот број на пријави за незаконско работење на Избирачките одбори. Само како илустрација, набљудувачите на ЦИВИЛ нотираа дури 121 случај на кршење на Изборниот законик и на изборната процедура од Избирачките одбори.

glasanje2016

 

Високиот број на неважечки гласачки ливчиња и нееднаквиот третман на гласачките ливчиња, упатуваше на второто барање на ЦИВИЛ, а тоа е да се изврши ревизија на сите неважечки ливчиња.

Сериозното кршење на Изборниот законик, вклучувајќи гласање на фантомски гласачи и починати лица, фотографирање на гласачкото ливче што упатува на купување гласови, кршење на тајноста на гласањето и притисоци, како и низа други сериозни нерегуларности, доведоа до бројката од 30 Избирачки места за кои ЦИВИЛ препорача прегласување.

Во вторникот попладне, на 13 декември, ЦИВИЛ ги достави овие и низа други сознанија до ДИК. Нема никаков одговор, како ни на сите останати обраќања и писма кои ЦИВИЛ ги упати до оваа институција во изминатите неколку месеци.

Со ова, ЦИВИЛ ја информира јавноста дека се прават сите можни напори да се укаже на сите слабости, со цел да им се помогне на институциите, како и да се даде придонес кон демократскиот процес во земјата, но одѕивот е еднаков на нула. Се поставува прашањето, донекаде реторичко, за кого всушност, работат Државната изборна комисија и Управниот суд?

ЦИВИЛ ќе продолжи посветено да работи на откривање и објавување на сите антидемократски и противзаконски дејствија на сите актери вклучени во изборниот и политичкиот процес во земјата, без оглед на затвореноста и партизираноста на институциите.

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish