Постизборниот извештај на ЦИВИЛ е онлајн!

Публикацијата Избори 2016 - Финален извештај од долгорочниот мониторинг на политичкиот процес и предвремените парламентарни избори во Република Македонија се промовираше на 2 февруари 2017. Оваа публикација е објавена на македонски, албански и англиски јазик во печатена форма и на ЦД, а сега и онлајн. Тоа е неодминлива литература за оние кои се во потрага по информации од независен извор.  

Теренската работа на мониторинг тимовите и од анализите на експертскиот тим на ЦИВИЛ даваат една целина која претставува одлична подлога за понатамошни реформски зафати во земјата и е важна препорака и извор на информации за граѓанското општество, политичките партии и меѓународната заедница во рамките на напорите за создавање на услови за слободни избори во иднина.

Во овој шокантен извештај, на 200 страници, ЦИВИЛ говори за политичката криза, се опишуваат политичките состојби и настани во текот на целата 2016 година и се откриваат детали од мониторингот на спроведувањето на изборниот процес.

Авторките и авторите во оваа сеопфатна публикација, низ своите извештаи, анализи и осврти ја претставуваат реалноста на Македонија, фактите какви што се, без шминки и заобиколувања.

Во подготовката на овој извештај учествува целиот проектен тим на ЦИВИЛ и тимот на експерти составен од д-р Сашо Орданоски, Александар Новакоски, Сандра Гавриловска, Драган Зелиќ (ГОНГ, Хрватска), Хедер Роберсон Гастон (САД), Џабир Дерала, Синиша Станковиќ, Петрит Сарачини, Моника Талеска, Горан Наумовски, Биљана Јордановска, Дехран Муратов, Маја Ивановска, Ермин Климента и други.

Оваа публикација, за која еден авторите, Џабир Дерала, на промоцијата кажа дека „иако е 200 страници, се чита брзо и лесно, како крими романче“ е воедно и заокружување на резултатите од 13-месечниот мониторинг на тимовите на ЦИВИЛ - Центар за слобода, во рамките на проектот „Напред!“, финансиран со германски средства при Пактот за стабилност на Југоисточна Европа.

Публикацијата е лесно достапна и може во целост да се преземе од веб страницата на ЦИВИЛ. Користењето на оваа публикација е овозможено во согласност со лиценцата Creative Commons 4.0 што, меѓу другото, подразбира слободно преземање и објавување, со обврска за атрибуција (наведување на изворот).

Публикацијата е отпечатена на македонски, албански и на англиски јазик.

Македонското онлајн издание можете да го најдете на веб страницата на ЦИВИЛ.

 

Оваа вест е достапна и на: English