Потпретседателот на ДИК, Прекопуца прашува дали „Беса“ го монополизирала Бога?!

Набљудувачите на медиумските содржини ангажирани во ЦИВИЛ – Центарот за слобода забележаа коментар на потпретседателот на Државната изборна комисија, Реџеп Прекопуца, на една објава на Фејсбук профилот на новинарката Анита Љатифи, каде што тој упатува коментирачко прашање во врска со промотивната објава на Движењето „Беса“.

Имено, се работи за визуелна промоција, која деновиве е актуелна на интернет, каде што, Движењето „Беса“, повикувајќи ги граѓаните да гласаат за оваа партија, меѓу другите слогани, го употребила и слоганот „доколку веруваш во Бог“.

Во нејзиниот коментар, новинарката Анита Љaтифи со чудeње прашува дали „доколку верува во Бог“, и таа е со „Беса“, или, дали „доколку верува во Бог“ е услов за да се биде со „Беса“.

„Господ знае колку долго во вашата кујна се подготвувал еден ваков повик за да го даде најпосакуваниот ефект за вас, но Господ знае и дека не ни се допаѓа на сите овој повик“, вели Љатифи во нејзината објава на нејзиниот Фејсбук профил.

untitled

Скриншот од ФБ профилот на Анита Љатифи

Во коментарите под овој пост, се забележува и коментар од профилот на Реџеп Прекопуца, потпретседателот на ДИК. „Го монополизирале Бог?!“, се вели во коментарот упатен од профилот на Прекопуца.

ЦИВИЛ се обрати до ДИК во врска со овој случај и побара објаснување и став на оваа институција, во врска со изнесувањето лични ставови на нејзините членови, барајќи истовремено и објаснување во врска со тоа - дали во ДИК има утврдено процедури за појавувањето на нејзините членови во јавноста и за изнесувањето лични ставови. До објавувањето на овој напис не добивме одговор на нашите прашања, а портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска беше недостапна за коментар на нејзиниот телефон.

Novakovski 1

Александар Новакоски, поранешен претседател на ДИК

„Коментирањето на кампањите на политичките партии од страна на членови на ДИК, особено на оние од редот на експертите, е непримерно, тоа е катастрофа“, вели поранешниот претседател на ДИК, Александар Новакоски. Тој објаснува дека ДИК, со Изборниот законик од 2006 година, станала професионална комисија, со професионално вработени членови. Се формирал и секретаријат, со генерален секретар кој имал својство на државен службеник. Но, по 2011-тата, според Новакоски,  со законските измени со кои наместо функцијата заменик-претседател се вовела функцијата потпретседател, со можност да свикува седници, и со можноста тој и другите членови на ДИК да даваат самостојно изјави, Комисијата добила комплетно друга конструкција.

„Потпретседателот и членовите добија или издејствуваа некое посебно значење за себе и оттогаш сметам дека ДИК ја изгуби смислата на професионално тело. Дел од членовите настапуваат како партиски претставници, а потпретседателот своевремено, на пример, даваше паралелни изјави со претседателот. Од тие причини, според мене, се отиде на нова конструкција на ДИК, да биде составена од 9 члена. Но, шест членови веќе ги именуваат како партиски претставници, а тројца членови, меѓу кои претседателот и потпретседателот, треба да бидат од редот на експертите, што значи да се обезбеди тие тројца да бидат непристрасни. Според мене, кога претседателот  молчи, тие ќе прават што сакаат. Ставот на ДИК треба да го изнесува претседателот или лице овластено од него, а приватно, никој не може да им забрани да коментираат, но не во врска со ДИК. Тие можат на записник да дадат издвоено мислење, но не да изнесуваат став на ДИК, а во свое име“, објаснува Новакоски во изјавата за ЦИВИЛ Медиа.

Во врска со оваа случка и промотивниот материјал кој предизвика дискусија во јавноста, се обративме и до Движењето „Беса“, за да го добиеме нивниот став.

„Ние сметаме дека членовите на ДИК треба да ја сочуваат непристрасноста и неутралноста кон политиката и политичарите, освен доколку не сме дошле до точка каде што и ДИК е огранок на некоја политичка партија на власт. Коментарот на еден од членовите на ДИК со спротивставување кон една партија, зборува многу за неговиот став и кон изборниот процес и тоа е нашиот најголем страв. Со ова можеби треба посериозно да се позанимава и ОБСЕ-ОДИХР. Повикот на 'Беса', каде што се споменува Господ, не е исклучување на никого, туку само го изразува конзервативниот идентитет кој го промовира Движењето 'Беса'“, се вели во одговорот испратен до ЦИВИЛ од медиумскиот центар на оваа партија.

Петрит Сарачини

Оваа вест е достапна и на: Albanian