Повелба на синдикалната солидарност: Протест против опструкциите на синдикализмот!

Повелбата за солидарност на синдикатите и здруженијата за заштита на работнички правa најенергично се спротивставува на последните опструкции на синдикализмот и бара надлежните органи во Република Македонија да преземат активности во насока на решително надминување на тие опструкции!

Потписниците на Повелбата за солидарност на синдикатите и здруженијата за заштита на работнички правa (Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници  - ССНМ, Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани  - УПОЗ, Синдикатот на македонската дипломатска служба - СМДС, Левичарското движење „Солидарност“, Движењето за социјална правда – „Ленка“, Конфедерација на синдикалните организации на Македонија - КСОМ, Синдикатот на културата на Република Македонија - СКРМ, Мултиетничкиот синдикат на образование - МЕСО, Младинската организација – „Мугра“, Независниот академски синдикат – НАКС), денеска испратија соопштение до македонската јавност

Поаѓајќи од својата фундаментална заложба - синдикатите во Македонија и пријателите на работните луѓе заеднички да се спротивстават на растечките негативни трендови на намалување и укинување на постоечките работнички права“, потписниците најенергично се “спротивставуваат на последните опструкции на синдикализмот (trade unionism) и бараат надлежните органи во Република Македонија да преземат активности во насока на решително надминување на тие опструкции!“

povlba-za-solidarnost-logo

Повелба на солидарност

Повелбата го поздравува „храбриот и малку дури и задоцнет чекор за разрешување на досегашниот претседател на Сојузот на синдикати на Македонија - ССМ,  Живко Митревски. Според синдикалните организации, „по бројните антисиндикални потези на овој синдикален функционер, кулминацијата беше первертирањето на клучната суштина на синдикализмот: наместо политичките партии да ги прилагодуваат своите политички програми и активности согласно барањата на синдикатите, тој, практично самостојно или со поддршка на само грст гранкови синдикати ја ‘усогласил’ агендата на ССМ со истата на владеачката партија!“ 

Според потписниците на Повелбата, „поддршката на разрешениот претседател на ССМ на одржаната седница на ССМ на 13 ноември, и молчењето на надлежните во услови кога истиот дури и највулгарно им го попречува физичкиот пристап на гранковите синдикати до нивните простории е апсолутно неприфатливо и крајно нецивилизирано однесување. Едновремено, тоа е брутално рушење и на институционализмот за кој политичката партија која сé уште е на власт, наводно се залага...“

Синдикалните организации реагираат и поради вториот случај на „демонстрација на вулгарна примена на физичка сила“ - нападот врз канцеларијата на Здружението на работниците и работничките од текстилната и кожарската индустрија „Гласно“ во Штип, и бараат „МВР и Јавното обвинителство најитно да ги откријат сторителите на овој напад кој испраќа сериозна закана за човекови права и слободата на здружување и изразување на граѓаните. Притоа, не можеме а да не се згрозиме над таквиот вандализам, ако се има предвид за кого се работи: без сомнеж најдискриминираните работници во Македонија – текстилните и кожарски работници! Наводната немоќ на Полицијата да ги открие сторителите на овој вандализам во едно место како што е Штип – со долга традиција и со децении стабилно население, не може да биде ништо друго освен отворено исмевање на поимот македонски ‘систем на правда’!“

Синдикалните организации потписнички на Повелбата за солидарност на синдикатите и здруженијата за заштита на работнички правa, се децидни дека со „смената на челната функција на ССМ, синдикализмот на еден еклатантен начин конечно се ослободува од партиските стеги и од еден од главните узурпатори на автентичното, автохтоно синдикално движење во Република Македонија“, и потенцираат дека „Нема успешна економија без развиен синдикализам!“