Рацете настрана од децата!

Средношколците во среда, на 21 октомври, во 12:30 часот, во Градски парк, повторно ќе протестираат, по изјавата на министерот за образование Абдулаќим Адеми дека се размислува за нов модел на екстерно тестирање на матурантите. Ветувајќи дека овој модел ќе биде изработен во соработка со сите засегнати страни, тој најави дека матурантите треба веќе во јануари 2016, да полагаат испити за екстерно оценување.

На 25 септември средношколците до Министерството за образование и наука поднеле барање за укинување на екстерното тестирање на кое сé уште нема одговор. Според нив, изјавата на министерот за нов екстерен модел на оценување не ги вклучува средношколците како засегната страна. Токму ваквиот став на МОН и отворено исклучувачката политика кон младите и кон нивната потреба за квалитетно образование и за екстерна евалуација, а не за екстерно експериментирање, го разбуди револтот на средношколците.

„Бараме да се укине екстерното тестирање кое претходниве три години го спроведуваат врз нас, на начин што сами го определија и кој еднаш веќе го променија и за кое никогаш не послушаа ниту еден наш аргумент, а со што оштетија голем дел од нас. Бараме реформи со кои ќе добиеме солидно образование и применливи знаења, што не се постигнува со постојниот концепт на екстерно тестирање, реформи кои ќе носат сеопфатни анализи и користење искуства од образовните системи во развиените европски земји“, стои во повикот на Средношколскиот пленум.

Средношколскиот пленум денес испрати и соопштение за притисоците на кои се изложени учениците од директорите на средните училишта, наспроти најавениот протест.

„Ги потсетуваме директорите кои очигледно не го читаат Уставот на Република Македонија, а кој вели: ‘Секој граѓанин има право на протест’, дека ние како граѓани, ученици и засегната страна во образовниот систем, имаме право, но имаме и обврска да се бориме против експериментите на министерот. Ги прашуваме директорите, дали Вам Ви се допаѓа кога на Вашите колеги им ја намалувате платата заради бесцелно тестирање базирано на 30 кликови? Ги прашуваме и дали е добро за репутацијата на училиштата, кога оние ученици кои целата година ја поминуваат во труд, активност, и знаење, на крајот, добиваат пониски оценки само заради нефункционалноста на компјутерскиот систем?

И Средношколскиот пленум од Куманово ќе им се придружи на скопските ученици, со протесниот марш најавен за четврток, 22 октомври, пред гимназијата „Гоце Делчев“, со почеток во 12:30 часот. „Направете нешто корисно за вас, за сите нас како целина, приклучете се на толпата од моќна младина по кумановските улици и кренете го гласот против лоши реформи, бидејќи не се работи за нешто на нас туѓо, за образованието се работи“, се додава во повикот на кумановските средношколци.

ЦИВИЛ – Центар за слобода целосно ги поддржува средношколците во нивната борба за подобро и поквалитетно образование. МОН и министерот Адеми уште еднаш го потврдија својот нелегитимитет и нивната способност да уништуваат, наместо да градат. Со своите манипулации уште еднаш покажаа дека немаат ни најмала почит кон учениците и студентите.

Ги повикуваме нашите членови, поддржувачи и сите граѓан(к)и заедно со средношколците да го кренеме гласот и да кажеме:

СТОП ЗА ЕКСТЕРНОТО ТЕСТИРАЊЕ!

СТОП ЗА ЛОШИТЕ РЕФОРМИ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО!

#ПоздравПленумци!