ЦИВИЛ – Центар за слобода ќе ги додели наградите од вториот циклус на натпреварот „Биди граѓански новинар“, на 22 март, вторник, со почеток во 12:00 часот во хотелот „Сити Парк“.
Пристигнатите материјали во овој циклус, ги оцени комисијата на ЦИВИЛ во среда, на 16 март. Имињата на победниците ќе бидат објавени на денот на доделување на наградите.
Натпреварот опфаќа најуспешни видео-снимки и фотографии, за сите видови кршења на човекови права, злоупотреби и притисоци во изборен контекст.
И следните четири месеци, петте најуспешни трудови секој месец, ќе бидат наградувани со вредносни ваучери за набавка на фото/видео и компјутерска опрема. Највисоката награда на месечно ниво е ваучер во денарска противвредност од 110 долари.
Секој што има паметен телефон, фотоапарат или камера од каков и да е вид, може да биде граѓански новинар и да се вклучи во проектот „Граѓански објектив“.
ЦИВИЛ ги охрабрува граѓан(к)ите активно да се вклучат преку истражување и медиумски активности во развојот на граѓанското новинарство и алармирањето за сите нергуларности кои влијааат врз политичката состојба, преку пријави на закани, учени, политичка корупција, поткуп на гласачкото тело, злоупотреба на јавни ресурси и администрација.
Преку текстови, видео, фото и аудио записи, ќе придонесете заеднички да ја зајакнеме јавната свест и да формулираме јавни барања за слободни избори, засновани на доказите на вашите истражувања преку онлајн активизам, теренска работа, медиумски и јавни настани.
За учество во натпреварот „Биди граѓански новинар“, со пополнување на формуларот, кликнете ТУКА.
Задолжително е материјалите кои ќе ги испраќате да бидат придружени со детален опис на времето, местото, текот на настанот и учесниците во самиот настан. Авторите, како и лицата кои се вклучени во прилозите може да останат анонимни зависно од договорот со авторите и од законската регулатива за овој вид продукција и издаваштво.
ЦИВИЛ – Центар за слобода им се заблагодарува на досегашните учесници и ги повикува и понатаму да продолжат со своето граѓанско активно учество да придонесат за заштита на човековите права и слободи и за демократизирање на општеството.
Проектот „Граѓански објектив“е поддржан од фондацијата National Endowment for Democracy.