„Пер калче доларо ин пиу, Теарце, парт ту“

Стотици полицајци со оклопни возила, исто толку партиски војници и мускули, многу партиски функционери, дипломати, домашни и странски новинарски екипи со десетици камери постојано присутни на гласачкото место, набљудувачи, подведувачи, поткупувачи, сеирџии...

Пишува: Петрит Сарачини

Пишува: Петрит Сарачини

Како никогаш пред и потоа полна улицата пред локалното основно училиште. Во чајџилниците карши, посетени од муштерии кои веројатно никогаш повеќе нема да дојдат тука, под густиот чад на тутунот се разговара тивко и малку, а се набљудува и ослушнува многу. Со секое влегување на некое невообичаено лице настанува мал и непријатен молк....

Теарце е навистина огледало на нашето општество. Не само поради мешаниот состав на населението и заедничкиот општествено - економски контекст, сиромаштија, пропаст на институциите, деградација на здравството, образованието, културата.  Тоа воедно претставува симболика на едно „мало мисто“, во Македонија или Мексико сеедно, коешто треба да се носи со товарот на своите локални и дојдени бандити, шерифи, донови, каубојци и индијанци, херои и антихерои...

Сето она што се случуваше овие денови пред прегласувањето а и вчера на самиот кочан – римејк на гласањето, може дури и да се употреби како сценарио за некоја модерна вестерн трилогија, како онаа на Серџо Леоне.

А што се случи во нашата варијанта на „За грст долари“, „За неколку долари повеќе“ и „Добриот, лошиот и грдиот“?

Што би се рекло, некои Индијанци, фатени за врат, гласаа за бледоликите началници. Некои беа убаво замолени да останат во своите вигвами. Со понуди кои не можат да се одбијат.

Лошите изгубија, но победија. Добрите победија, но изгубија. А грдите? Тие останаа „ружни и тужни“ - до гроба верни Индијанци, поголеми бледолики од бледоликите.

Сепак, не можеме да речеме дека оваа возбудлива приказна немаше свој, каков – таков, хепиенд. Добрите луѓе покажаа дека ги има повеќе од ќосињата. Албанците ги победија убедливо Индијанците. А конечниот резултат не ветува многу раат за бледоликите началници и нивните племенски прислужници. Напротив.

Тоа е накратко, сижето на вчерашниот филм „Пер калче доларо ин пиу, Теарце, парт ту“. Со навестување дека мошне скоро следува и продолжување, и во вашите кина, улици и домови, или што би се рекло на англиски, „ин д синема ниар ју“.

Оваа вест е достапна и на: Albanian