Прашањата на кои Попоски и Јашари немаа одговор

ЦИВИЛ Медиа со министерот за надворешни работи Никола Попоски и со министерот за правда Аднан Јашари, и покрај повеќето обиди на новинарите, во текот на триесеттина денови, не успеа да договориме интервју.

Прашањата кои беа предвидени и му беа доставени на министерот Јашари се следните:

  1. Испитувањата на јавното мислење во Македонија, покажуваат дека довербата на граѓаните во судството и во судиите е на најниско ниво, а итните реформски приоритети посочени во последниот извештај на Европската комисија, се посветени токму на правосудниот систем во Македонија. Што досега е реализирано од тие препораки и кој е вашиот план за блиска иднина (во наредните три месеци до изборите)?
  2. Во јавноста е неподелено мислењето дека во Македонија сѐ уште има политички затвореници. Освен тоа што деновиве за два случаја („Сопот“ и „Монструм“) побаравте да ги преземе Специјалната јавна обвинителка, што друго ќе преземете за да се ослободат политичките затвореници и дали тоа ќе се случи во предизборниот период?
  3. Во врска со многуте информации и шпекулации за кризата во Куманово, рековте дека имате можност и право да побарате од надлежните инсититуции и органи да се утврди дали тие се вистинити или не. Дали го направивте тоа?
  4. Колку овие случаи може да се користат во предизборната кампања и што ќе направи Министерството за правда за да ја оневозможи нивната дополнителна политизација во контекст на изборите?
  5. Дали, според вас, во Македонија се создаваат услови за слободни избори и кои се преземените мерки? Што, вие, како министер за правда правите за да се создадат такви услови?

ЦИВИЛ - Медиа ги подготви следните прашања, кои ќе му беа испратени на министерот Попоски, ако успеевме да воспоставиме нормална комуникација:

  1. Во постојана комуникација сте со претставниците на меѓународната заедница. Со кои аргументи ги убедувате дека Македонија може да се справи со длабоката политичка криза во која се наоѓа веќе подолг период?
  2. Како меѓународната заедница гледа на кризата во која се наоѓа Македонија, кои се нивните очекувања за изборите закажани на 24-ти април и дали Македонија може да ги оправда? Дали сметате дека со досега стореното на планот на реформите, во Македонија се создадени услови за да се обезбедат фер и демократски избори?
  3. Неодамна остваривте официјална посета на Грција, на покана на грчкиот министер за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас. Дали соработката со Грција се интензивира и може ли да се очекува напредок во преговорите за името?
  4. Членството во НАТО продолжува да биде еден од стратешките приоритети на Република Македонија. И покрај тоа, Црна Гора веќе доби покана за членство, а Македонија како да не е на агендата. Која е вашата стратегија за повторно враќање на Македонија во фокусот на НАТО?
  5. Македонија е дел од „Балканската рута“ по која илјадници бегалци ја поминуват секој ден. Со какви предизвици се соочува Македонија поради кризата и каква е соработката со соседните и со другите европски држави?

collageИ покрај многубројните неуспешни обиди, ЦИВИЛ останува отворен за понатамошна соработка со министрите Попоски и Јашари, и доколку постои интерес кај нив, и во наредниот период, ќе им овозможи простор да ги пласираат своите ставови.

Првата шанса за тоа е веќе во февруари кога ЦИВИЛ ќе продолжи со втората серија на интервјуа со министри. Со челниците на ресорите внатрешни работи и труд и социјална политика, ќе разговараме за напредокот во активностите кои беа посочени при првиот разговор и за предизвиците со кои се соочуват, како и за позитивните или негативни промени во нивните министерства, а со двајцата министри од редовите на владеачките партии би го отвориле дијалогот за подобрување на состојбите на политичката сцена и за надминување на долгогодишната криза.