Предизборен атак врз приватноста на граѓан(к)ите!

Телефонски анкетари кои се претставуваат како членови на “огранок на ВМРО-ДПМНЕ“, поседуваат лични податоци за анкетираните лица, кои не би смееле да им бидат достапни! Дали податоците кои ги оставаме во јавните институции се злоупотребуваат за партиски цели?

Деновиве, во Скопје, повторно се активни телефонските линии на  таканаречените истражувачки агенции, во рамките на самите политички партии. Граѓански новинар кој посака да остане анонимен, до ЦИВИЛ Медиа испрати текст за случај, во кој, од ист телефонски број, најпрвин во април годинава, и сега повторно, во ноември, во екот на предизборието, „истражувачи“ се обидуваат да направат „анонимна“ телефонска анкета, претставувајќи се како „огранок на ВМРО–ДПМНЕ“.

Оваа навидум невина приказна, крие најмалку две дилеми. Првата дилема е дали податоците кои ги оставаат граѓан(к)ите во јавните институции се злоупотребуваат за партиски цели? Имено, во конретниот случај, при обидот да се направи анкетата, личноста на која преку мобилен телефон ѝ се поставени прашањата, е ословена со нејзиното име и презиме, но бројот на мобилниот телефон што го користи, официјално се води на име и презиме на нејзината ќерка!?

18-001-copy-500x314-470x246

Се поставува прашањето, како „огранокот на ВМРО ДПМНЕ“ има податок дека таа личност го користи токму тој телефонски број, бидејќи единствените места каде што постојат податоци дека тој телефонскиот број го користи контактираната личност во анкетата се: банката во која е штедач и здравствениот картон на личноста за закажување на „Мој термин“.

Втората дилема е, како овие самопрогласени истражувачки агенции, имаат намера да спроведуваат анонимна анкета, со прозивање на испитаниците по име и презиме? Притоа, анкетарите, покрај општите прашања: како и колку сте задоволни од работата на партијата и дали би излегле на гласање на следните избори, отворено, го поставуваат и „невиното“ прашање - за кого би гласале анкетираните на следните избори. Кој дистрибуира лични податоци до партиските „истражувачи“ за преку наводни анкети, да се врши притисок врз граѓаните?


clp Проект: „Граѓански објектив“