Предизборен тендер за изградба на базен во Шутка!

Агенцијата за млади и спорт само 10 дена пред предвремените парламентарни избори што ќе се одржат на 11-ти декември, распишала тендер за избор на изведувач на градежните работи за отворен пливачки базен што ќе се градел во скопската општина Шуто Оризари?! Објектот ќе содржел комбиниран - пливачки, ватерполо базен и базен за скокови во вода... 

Проценетата вредност на проектот изнесува околу 730.000 илјади евра, додека рокот за реализација е шест месеци од изборот на изведувач. Тендерската постапка е отворена за сите компании од градежниот сектор до 23-ти декември, кога е закажано и јавното отворање на понудите.

„Градителите“ 24/7, не се предаваат. Ја засипуваат јавноста со нереални ветувања - 24/7. Особено, ранливите и маргинализираните категории, социјално загрозените групи граѓани, како најголемиот дел од Ромите. Немаат исаф „преродбениците“, дури и кога ветувањата, како во случајот со „комбинираниот“ базен во Шуто Оризари се, најблаго речено, навредливи за жителите на оваа Општина, кои мака мачат како да скрпат крај со крај, како да преживеат...

gruevski

Пред безмалку 10 месеци, на 15-ти февруари 2016 година ЦИВИЛ Медиа ја објави колумната на Дехран Муратов, по тогашната најава за изградба на базен во Шуто Оризари.

„Оваа идеја би била добра, ако во Шутка нема хроничен недостаток на вода. Во летниот период, жителите на оваа Општина немаат вода ниту за пиење! Затоа, стои прашањето: Како ќе се наполнат базените што ги најави Груевски? Ќе се донесе вода со цистерни? Во перманетната предизборна кампања, редовно се ветува дури и невозможното. Па, така, и ветувањето за базените, може да држи вода. Но, на жителите во Шутка далеку побитна и попотребна им е водата. Онаа, за пиење, за туширање, за перење  алишта и садови, вода,… за подготвување на ручек…“

Според широкоградите „ветувачи“ од власта, вода има колку душата ќе (им) посака на жителите на Шуто Оризари. Или, барем доволно, за уште еден, којзнае кој по ред, обид да ги преведат жедни... преку вода.

ЦМ