Предизборни лаги: Патишта за сечење ленти

Свлечиштето кон кичевското село Кнежино и кон спортско-рекреативниот центар Крушино, коешто се појави со почеток на градежните активности на автопатот Кичево-Охрид, речиси пред две години, не е санирано и претставува огромен ризик за месното население и за случајните минувачи

Не се исполнија најавите на дел од надлежните дека акутниот проблем на жителите на овој крај, ќе биде решен. Свлечиштето е голема закана при следните поројни дождови да се активира во многу поголеми размери и, како што велат кичевчани, „Кнежино да се пресели во Кичево“.

49cd06fa-31a4-4493-8adb-69effecbe20f

„Веќе креваме раце од институциите, не знаеме повеќе кому да се обратиме и од кого да бараме помош. Оваа изборна лага, лесно не можеме да ја проголтаме. Ризично е движењето на овој терен, животот ни е ставен во ризик. Кому уште треба да му стане појасно, дека свлечиштето треба да се санира, дека и нам, жителите од Кнежино треба да ни биде вратена безбедноста?! Зарем не е подобро да се спречи, отколку да се лечи? Треба да чекаме да се случи несреќа, за да се интервенира“, реагираат жители на Кнежино.

Надлежните од локалната самоуправа на Општина Кичево, информираат дека за проблемот се известени сите надлежни инстанци во државата.

„Ние, како Општина, немаме надлежност. Затоа ја информиравме Агенцијата за патишта веднаш по дојавите од граѓаните. Она што знаеме е дека се ангажирани експерти од Градежниот факултет во Скопје, да подготват проект за санација на проблемот“, изјави Рамиз Реџепи, за ЦИВИЛ Медиа.

За оваа „колатерална штета“од изградбата на патот Кичево–Охрид, нема одговор ниту од Министерството за транспорт и врски. Надлежните во Одделот за односи со јавност не ни одговорија на повиците, ниту на мејл пораките.

Инаку, изградбата на автопатот Кичево – Охрид, започна на 22 фебруари 2014-та на големи ѕвона. Експремиерот и лидер на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски постави камен-темелник, на како што рече „најзначајниот инфраструктурен објект за регионот и Западна Македонија“ во последните 50 години. Инвестицијата според најавите беше „тешка“ околу 375 милиони евра, кредит обезбеден од кинеската Ексим банка.

Моника Талеска