Битолските социјалдемократи ја обвинија локалната власт, за противуставно и незаконско вработување на 19 лица, партиски кадри коишто и пред тоа биле ангажирани во општинската администрација како волонтери и со договори за времен ангажман. Иако социјалдемократите не се против вработувања во услови на огромна невработеност и сиромаштија, овој оглас објавен на Општина Битола тврдат дека ги дискриминира граѓан(к)ите по етничка основа, затоа што во огласот е прецизирано од која етничка заедница треба да бидат нововработените!
„Советот треба да добие налог од Општината за потребата од вработувања, советниците носат одлука, а во буџетот се предвидуваат средства за таа намена. Одлуката пак, е основа Општината да распише оглас за вработување. Советот во буџетот предвидува средства за плати на нововработените. Во овој случај, Општина Битола распишува оглас којшто е надвор од процедурата и Законот за вработување во јавен сектор. Затоа СДСМ ќе поднесе прекршочна пријава за подносителот на огласот“, изјави , за ЦИВИЛ Медиа, Благојче Котески, советник од СДСМ во битолскиот Совет.
Тој особено ја акцентира противуставноста на огласот, акт каков никако не смее да си го дозволи единица на локална самоуправа, во држава која што се залага за еднаквост и отсуство на каква било дискриминација на граѓан(к)ите.
„Овој оглас е целосно против Уставот на Република Македонија! Со огласот секое работно место е врзано за национална припадност: советник за локални патишта и улици, треба да биде Албанец, раководител на одделение за административни и општи работи, треба да биде Македонец, а советникот за водење постапка за јавни набавки, треба да биде Ром?! Со ова, директно се крши членот 9 од Уставот, којшто гарантира еднаквост пред правата и обврските без разлика на националната, етничката, родовата и социјалната припадност. СДСМ најостро реагира на злоупотребата и на поделбата на граѓаните што ја прави ВМРО-ДПМНЕ, како и на кршењето на Уставот на Република Македонија. Работните места треба да се поврзани со стручност, образование и компетентност, а не да создаваат дополнителни раздори и етнички поделби“, потенцира Котески.
Наспроти реакциите на битолските социјалдемократи, претседателката на Советот, Силвана Ангелевска целосно ги демантира овие наводи. „Вработувањата во Општина Битола, не се во надлежност на Советот“, децидна е Ангелевска.
Поставивме прашање и до Одделот за односи со јавност во Општината, но за жал, не добивме одговор.
Инаку, огласот распишан на 26-ти август, завршил на 8-ми септемрви, во период кога градоначалникот на Битола, Владимир Талески, обвинет во случајот „Транспортер“ за злоупотреба на 360.000 илјади евра, беше сè уште во домашен притвор.
Моника Талеска