Изборни манипулации се забележуваат на самиот почеток на прегласувањето во општина Центар
Прегласувањето на вториот круг во избирачките места во општина Центар започна со нерегуларности, односно со прекршување на изборниот молк, но и со уникатен обид за манипулирање со гласачите.
Во текот на минатата ноќ или рано утрово, флаери и писма се оставени во поштенските сандачиња и во влезовите на зградите насекаде низ општината каде што има прегласување, меѓу другите и во зградата во која се сместени канцелариите на Цивил. Во едниот флаер и во писмото, од кое јасно се гледа дека е фалсификувано (кое наводно го пратил другиот кандидат за градоначалник) гласачите се повикуваат да излезат на гласање на 28 април, односно не денеска туку идната недела, а во другиот флаер граѓанките и граѓаните се повикуваат да не излезат на гласање, затоа што ако излезат ќе победел кандидатот од партијата која што, пак ќе речеме, очигледно ги фабрикувала флаерите и писмото.
Мораме да забележиме дека ваква инвентивност во обидот за фалсификување, односно замајување на гласачите на избори веројатно не е забележано до сега, така што Македонија уште еднаш станува пример за изборни манипулации. Цивил ги поседува овие документи и ќе ги објави по завршувањето на изборниот молк, вечерва на прес-конференција, чие време на одржување дополнително ќе го соопштиме.
Дежурните телефонски линии на Цивил 02 / 520 91 76 и 076 / 902 103 се активни од 7.30 часот утрово на кои ги очекуваме сите граѓан(к)и да пријават и најмало сомневање за изборни нерегуларности. Набљудувачите, мобилните тимови и активистите на Цивил се распоредени на сите гласачки места на кои се прегласува денеска.
- TEL: 02/5209176; 076 902 103
- E-MAIL: [email protected] | [email protected]
- WEB: www.civil.org.mk
- FACEBOOK: https://www.facebook.com/civil.mk
- TWITTER: https://twitter.com/CivilMacedonia
- YOUTUBE: https://www.youtube.com/user/CivilOrgMK