ПРЕЛИМИНАРЕН ИЗВЕШТАЈ ОД ИЗБОРНОТО НАБЉУДУВАЊЕ НА ЦИВИЛ

Цивил на денешната прес конференција обелодени еден дел од наодите на набљудувачите за изборните нерегуларности во периодот од 1 март наваму. На прес конференцијата се презентираше и дел од новинарскиот тим на Цивил Медиа. Го пренесуваме Извештајот на Цивил во целост.

DSC_0345 (Small)Вовед

Цивил – Центар за слобода во овој момент има 50 акредитирани долгорочни набљудувачи низ целата земја, поделени во девет региони и уште толку активисти, соработници, волонтери и членови на невладини организации со кои соработуваме на овој проект. За вториот круг на претседателските и вонредните парламентарни избори се предвидува ангажирање на уште околу 100 набљудувачи, од кои поголемиот дел ќе бидат акредитирани во Државната изборна комисија (ДИК).

На самиот почеток, сакаме да истакнеме дека Цивил има НУЛТА ТОЛЕРАНЦИЈА ЗА ИЗБОРНИТЕ НЕРЕГУЛАРНОСТИ.

Во периодот од 1 март до денеска се забележани низа нерегуларности во изборниот процес. Во оваа прилика ќе наброиме само неколку информации од големиот број извештаи во кои нашите набљудувачи нотираа нерегуларности. Голем број извештаи од теренот се веќе објавени на веб-страницата на Цивил. Ќе забележите дека еден дел од овие наоди се совпаѓаат со Периодичниот извештај на Мисијата на ОБСЕ Канцеларијата за демократски институции и човекови права за периодот 10-26 март, објавен на 31 март.

Предвремено започнување на кампањите; злоупотреба на јавните ресурси

Цивил бележи предвремено започнување на партиските кампањи и злоупотреба на јавните ресурси во партиски цели. Општа е оценката дека во многу случаи постапките се во рамките на легалното, но се поставува прашање колку тоа е легитимно.

Цивил и претходно предупредуваше дека политичката ситуација во земјата е загрижувачка и дека веќе подолго време се води агресивна политичка предизборна кампања.

Набљудувачите на Цивил јавуваат за предвремено започнување на претседателската и парламентарната кампања, односно дека не може да се направи јасна дистинкција меѓу  кампањата за претседателски и парламентарни избори.

Предвременото започнување на кампањата е утврдено врз основа на партиските активности на теренот, предвременото започнување на средбите со граѓан(к)ите и пласирањето на печатен материјал, вклучувајќи и видливо плакатирање, најмалку две недели пред официјалниот почеток на кампањата за претседателските избори.

Во текот на изборната кампања се забележуваат низа помали или поголеми градежни зафати во повеќе општини во земјата. Не е сосема јасно дали тие проекти се започнати пред почетокот на изборниот процес или не, но во секој случај се ставени во контекст на изборите.

Во поглед на злоупотребата на јавните ресурси за партиски цели, од Велес доаѓа извештај дека вработени во локалната администрација порано ги напуштаат своите работни места за да присуствуваат на митинг на една политичка партија.

Во Брвеница, регион Тетово, се вршел притисок врз граѓаните да излезат на митинзи на одредени политички партии. Нашите набљудувачи јавуваат и за закани дека за оние кои нема да гласаат за одредена партија следат инспекции од УЈП.

Во Прилеп се забележува користење на автобуси на јавниот превоз за потреби на партиски митинг во Скопје.

Набљудувачите во Битола јавуваат за составување на списоци. Секој член на една партија мора да даде три имиња кои не се членови на таа партија, а кои ќе гласаат за таа партија. Лицата кои се на тие списоци потоа се контактираат за проверка на списоците.

Во Скопје се бележи дека се делат дневници од 500 денари и храна за луѓето кои се пријавуваат да учествуваат на партиските митинзи низ Македонија.

Изборни вработувања

До Цивил дојдоа неколку извештаи и за изборни вработувања. Од Охрид доаѓа информацијата дека 14 лица добиле привремени вработувања во ЈП Комуналец за време на предизборниот период, односно по официјалниот почеток на кампањата. Во Куманово се бележат вработувања во администрацијата за време на предизборниот период, а од вработените се бара да бидат постојано достапни за партијата која ги вработила.

Избирачки список; сомнежи за постоење двојни лични карти

Цивил предупредува дека постои сериозен проблем и со Избирачкиот список. Потпретседателот на ДИК, г. Субхи Јакупи, за новинарите на редакцијата ЦИВИЛ МЕДИА, меѓу останатото, изјави дека Избирачкиот список сé уште има лица кои се починати. Тој, исто така, кажа дека МВР не помогнало оваа институција да добие точна евиденција за докрај да ја заврши својата задача.

Набљудувачите од Свети Николе јавуваат дека постојат индиции за постоење на двојни лични карти на лица кои гласаат и во Скопје и во Свети Николе.

Од една скопска општина имаме информации за непостоечки влезови во згради или додадени катови на згради. Жителите на овие непостоечки адреси се наоѓаат на Избирачкиот список. Од друга страна, од истата општина се добиваат информации за лица избришани од Избирачкиот список, а кои се постојани жители на таа адреса и гласаат на одредено избирачко место.

Оваа вест е достапна и на: Albanian