Прес на ЦИВИЛ: Избори, изборен модел, реформи, набљудување...

ЦИВИЛ ќе одржи прес конференција денеска, 19 декември, во хотел Сити Парк (кај општина Центар), со почеток во 12 часот. Главна тема на прес конференцијата на ЦИВИЛ ќе бидат изборите и изборните реформи. Организацијата ќе ги сподели првичните наоди од долгорочниот мониторинг што започна ден по одлуката на лидерите на политичките партии да одат на предвремени парламентарни избори на 12 април 2020 година.

Актуелна е иницијативата за промена на изборниот модел во една изборна единица, за која ЦИВИЛ и други невладини организации во земјата говорат повеќе од една деценија наназад. Врз основа на анализите на процесот, ЦИВИЛ изгради став во врска со оваа иницијатива, што ќе биде соопштено на прес конференцијата. Се разбира, ќе стане збор и за начинот на набљудување на претстојниот изборен процес во земјата.

Понатаму, ќе се истакнат неколку најважни препораки на меѓународните и домашните организации и институции за изборните реформи, односно, што од тоа (не) е исполнето. Нема да изостане ни одговорот на прашањето дали предвремени парламентарни избори воопшто беа потребни, а кога веќе беа понудени, кога тие требаше да се одржат. Воедно, тука е и дилемата околу наводната обврска од Пржинскиот договор за формирање техничка влада 100 дена пред избори.

Воедно, на прес конференцијата, ЦИВИЛ ќе сподели и повеќе детали за настанот „Жртвите на режимот – сеќавања и слики“ што ќе се одржи в сабота, на 21 декември. Добредојдени се прашања и коментари на други теми, доколку за нив има податоци и изградени ставови на организацијата. Како и секогаш, освен медиумите, прес конференцијата е отворена и за сите заинтересирани граѓанки и граѓани.

На истото место денеска, се одржува и целодневен настан „Перспективи 2020“ кој организацијата го организира веќе три години, а на кој познати експерти и активисти говорат за перспективите на земјата во наредната година. Овие активности се дел од проектот Граѓанките и граѓаните за слободно општество, поддржан од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

ЦИВИЛ Тим за комуникации