Во врска со Пржино и сега Виена... Сакам да ми објасни некој дали се преговара за судбината на Република Македонија, за ново позиционирање на партнерите Никола Груевски и Али Ахмети или за нова бирократска спогодба меѓу Зоран Заев и сите останати на зелената маса...
Сè уште не можам да сфатам како дојде до тоа преговарачи да бидат тешките престапници за чии гнасотилаци слушнавме од прислушуваните материјали, и тие за кои знаевме, и тие што ги претпоставувавме, но и тие што не можевме да ги замислиме. Нема логика.
Нема логика тие што донесоа мизерија и насилство да преговараат за тоа како да се извлечеме од таа иста мизерија и насилство. Тоа ви е како да фатите крадец и потоа тој да ви наметнува услови за тоа како да се надомести штетата. Не да го врати тоа што го украл, туку како да се поништи делото.
Не! Всушност, ситуацијата е уште полоша, поапсурдна и гротескна. Всушност, престапникот преговара со единствен услов – да остане на власт, да помине потполно неказнето и да продолжи со тешкиот криминал. Намерата да продолжи со истиот, па и потежок криминал е очигледна од сите јавни настапи, а да не зборуваме за подземните активности за кои дознаваме секојдневно. Толку е апсурдно што човек со здрав разум може само да се чуди на тоа како државата се довела до таква состојба да не функционира, а животот на луѓето да зависи од тоа дали и како ќе се снајдат во секојдневието исполнето со лавиринт од провидни гангстерски трикови и насилништво.
Неверојатно е како политичарите си поигруваат со логиката и ситуациите кои се апсурдни до болка, ги наметнуваат како секојдневна и обична рутина.
Се потпишаа, не еднаш, туку два пати на договорот да се залечи земјата од тешката криза, а потоа отворија преговори. И тие преговори, наместо да станат алатка за спроведување, се претворија во алатка за кршење на договорот. Со сиот циркус кој граѓаните ги чини живот и достоинство.
Специјалното јавно обвинителство кое работи според словото на законот, со блескав професионализам, стана омилена институција. Зошто? Затоа што сме се одвикнале од тоа некој совесно и професионално да си ја врши работата. Затоа што се одвикнавме од тоа дека држава не значи збирштина, не значи гнездо на арамии и насилници.
Гледам, дури и полицијата се менува. Дел од неа. Пољубезни се, попрофесионални, подостапни. И ова го кажувам наспроти сите немили сцени на насилство и бруталност кои ги видовме во првите два дена од новиот бран на продемократските протести кои започнаа минатата недела, наспроти приведувањето и тричасовното испрашување на новинарите од Приштина. Сменет им е односот. Деновиве, полицајците без збор прифаќаат цвеќе од демонстрантите, дозволуваат да им го избришете шлемот од залутано протест - јајце, ве замолуваат да ја намалите брзината на возење, бидејќи патот е лош (поздрав до полициската екипа со која имав таков контакт неодамна!), извикуваат „И ние сме со вас!“ од зад штитовите.
И преговори... Повторно преговори, сега во Виена, во кои е извесно дека ќе се преговара за спас, па и за продолжение на владеењето на тешките престапници, а не за спас на Република Македонија. Не за ослободување на медиумите, не за вистинско прочистување на Избирачкиот список, не за слободни избори, не за непречена работа на Специјалното јавно обвинителство (единствената ѕвезда на црното македонско небо)...
И повторно, преговорите се ограничија на четворица мажи од кои распоредот на силите е 3:1. Зошто? Овие десетици илјади луѓе кои веќе втора недела демонстрираат барајќи правда, слобода и мир, како и други десетици, па и стотици илјади луѓе кои сè уште не се осмелуваат да си го кажат својот став имаат уште претставници. Зошто и тие да не се најдат на таа маса? Ако веќе мора да се преговара.
Јас лично не отстапувам од ставот дека не смее да се преговара со престапници, туку тие треба да се соочат со правдата. Но кога веќе има преговори, нам ни треба доказ дека се во интерес на граѓаните, а не за спас на осомничени за тежок криминал и изборна кражба! И не смее да се дозволи преговорите да се претворат во анестезија за насобраниот револт на илјадниците гласни слободари.
Стотици илјади луѓе чмаат по ќошињата од своите разорени животи, уплашени, разочарани од сите и од сè, чекаат спас. Преживуваат, но сè потешко и недостоинствено.