Прифатена тужбата на ВМРО-ДПМНЕ, нема прегласување во Гостивар!

Откако како неосновани одби три тужби на СДСМ против решенијата на ДИК, за Избирачките места 2010 и 2025 во Општина Теарце, и за Избирачко место 1978 во Општина Тетово, во Шестата изборна едница и ја уважи тужбата на оваа партија против решението на ДИК, со што е поништено гласањето на гласачкото место број 2011 во Општина Теарце, Управниот суд едногласно ја уважи и тужбата на ВМРО-ДПМНЕ за решението на ДИК за прегласување на гласачкото место 0396/1, Општина Гостивар.

Судот ја поништи одлуката на ДИК која се однесуваше на приговор на Беса за нерегуларност при гласање во избирачко место 0396/1, откако со вештачење беше утврдено дека некој друг гласал во име на граѓанката Фатиме Сулејмани. Сепак, согласно член 150 став 3 од Изборниот законик, Судот ја уважи тужбата на коалицијата предводена од ВМРО–ДПМНЕ и го преиначи решението на ДИК, за поништување на резултатите од гласањето на гласачкото место  број 0396/1, општина Гостивар, Изборна единица број 6, отфрлувајќи го како неуреден приговорот на Беса.

Судот утврдил дека приговорот на Беса не содржи потпис од  подносителот на приговорот, односно на овластениот претставник Блерим Сејди, ниту електронско сандаче за прием на писмената, поради што, според Судот одлучил дека ДИК погрешно го применила материјалното право, постапувајќи по приговорот, без потпис.

Одлуката на Управниот суд е конечна и во Гостивар нема да се прегласува.

Оваа вест е достапна и на: Albanian