Приказна за Али Баба и неговиот газда #Ж

Али Баба, ти и твоите разбојници набутавте партиски војничиња во институциите и јавните претпријатија. Немаше место за нив, па, или стојат поголем дел од работното време или се по дома, примаат седум-осумдесет отсто плата. Или во работно време продаваат компири од гепекот на службеното возило.

Пишува: Џабир Дерала

Пишува: Џабир Дерала

Поради тоа, Македонците ги сметаат Албанците за паразити, а Албанците се лути затоа што и понатаму не се претставени во институциите. Сите заедно, вклучувајќи ги и вашите Албанци, и понатаму молкум стојат во редови и плаќаат за сите партиски војничиња заедно. А и договорениот процент не го исполнивте, колку и да се трудевте, бидејќи вашиот газда на еден ваш, вработуваше десет свои. Македонците ве презираат, го знаете тоа, нели?

Но, болката што ја трпите, ја лечите со милионите заработени од тендерските провизии. Кога сакате повеќе, а сакате постојано, уште пониско ја веднете главата и ги спуштате своите панталони. Тоа се скапи панталони, па не се туткаат при соблекувањето...

Малото костимирано човече што гледа Хју Грант и сака да биде генерал Кастер, познато и по тоа што влече човечиња наоколу за врат и за уши, само попатно ве мрази и ве третира како Индијанци и племе. Сѐ друго правите самите.

Али Баба би урнал и цело село за да го задоволи својот газда #Ж. И тоа го нарекувате грижа за Албанците?

Ако ви беше до Албанците, ќе им обезбедевте достоинствено работно место на своите партиски војничиња кои ги набутавте во ќошињата на бирократијата. Патишта немаат ни вашите Албанци, ни „народот“ на газда #Ж.

Ако ви беше до Албанците, ќе им обезбедевте правда на осудениците во случајот Сопот. Ако ви беше до човекови права, немаше да имате стониран министер за правда, кој аминуваше сѐ што ќе каже газдата. Газдата #Ж, се разбира. Али Баба и неговите разбојници се само човечиња-војничиња.

Ако ви беше до Албанците, ќе им дадевте образование, барем малку подобро од она што го има вашиот министер Менделеев.

Ако ви беше до Албанците ќе им дадевте болници и лекари, ќе им дадевте воздух и вода, ќе им дадевте канализација. Немаше да дозволите да се гушат и дават во гомна.

Сакате да правите војна по налог на вашиот газда #Ж, за да го спасите вашиот и неговиот задник. Тоа им е јасно на сите, па и на оние што се во шаторите со вас. Тоа им е јасно и на оние што го креваат и го бранат крстот. Јасно им е и на оние кутри работници што го поставија двоглавиот орел пред тоа. Многу провидно, бре! Вие ставате орел, а вашиот газда веднаш става крст. Како што вели логиката и на анонимниот мудрец, автор на графитот „Љубчо ни стави крст, Никола ни крена споменик“, така и вие и вашиот газда си играте – вие орел, тој крст. Сакате сите да нѐ закопате? Така изгледа.

Споменик - Двоглав орел
Убаво девојче, школувано по странски школи, редно е да кажеш со што тоа „вечните во партијата“ ве натераа да бидете понизни слуги, прислужници на бесчовечноста. Да бидете консилиери и лижачи на чизми.

А тој, газда #Ж да мава со клоци, да граба, затвора и убива.

Ако ви беше до Албанците, немаше командантите кои се колнеа во орелот сега да се разбегани по светот или два метри под земја, а оние што се колнеа во лавчето и сонцето да коленичат во мрачни и смрдливи дупки, душкајќи по отпадоците од вашата заедничка гозба.

Ако вам и на вашиот газда #Ж ви беше до „народот“, што и да ви значи тоа, немаше тој ист народ да гладува и чезнее по Европа.

Ако на газда #Ж му беше до „народот македонски“ кој го повикува да се размножува по секоја цена, за да му парира на „племето индијанско“, немаше да умираат родилки и бебиња во болниците на ужасот.

Ако на газда #Ж му беше до народот, немаше да го затвори во гротескниот кафез од гипс и решетки од барокни столбови, а живиот човек да биде поевтин од ламарините за знаци и патокази. Немаше да крене налудничави, мртви споменици, а да го згази достоинството на живите луѓе. Немаше децата да ги претвори во мелено месо, а работниците во робови.

Послушници без срам и перде, разбојници без чест, тоа сте вие! И едните и другите. Не можете никого да излажете. Затоа, пуштете ги децата дома и соочете се со правдата. Ова што го правите, нема да ви помине. Не повеќе.

Оваа вест е достапна и на: Albanian