Мариа Митевска Дибиаџио е една млада девојка родена во Крива Паланка. Taa веќе три години живее во Њујорк. Во Скопје завршува Факултет за физичка култура. Како и многу други млади луѓе, така и Мариа заминува од земјава. Нејзина дестинација беше Њујорк. Својата иднина ја гледа надвор од Македонија. Во Њујорк таа формира своја фирма за спортска облека. Се обидува на секоја своја колекција да ѝ даде посебна приказна. Нејзините проекти не остануваат на зборови, туку дава сѐ од себе своите идеи да ги преточи во реалноста, најчесто преку спортски активности.
Поттикната од состојбите на различни видови дискриминација, Мариа ја формира невладината организација Пинк Супорт МК во мај годинава која ја финансира самата. Можеби поради нејзиниот перфекционизам или поради тоа што во Њујорк работите се одвиваат на време и сите имаат почит кон тоа време, тврди дека темпото на активностите на организацијата во Македонија оди забавено и со многу пречки.
“Пинк Супорт МК е невладина организација фокусирана на правата на маргинализираните категории на граѓани. Реалноста на маргинализираните се прикажува преку индивидуални стории. Во моментов, проектот кој ќе го промовираме е индивидуална приказна за еден слеп човек, преку кој сакаме да ја доловиме сликата за оваа категорија луѓе кои се дискриминирани во ова општество. Мојата идеја е преку спорт да се афирмираат правата на овие лица” - раскажува Мариа.
Документарниот филм за Гоце Радевски, слепото момче од Волково, ќе биде прикажан во МКЦ на 13 октомври, со почеток во 18:00 часот. Претходно, на 12 октомври, во 11 часот ќе се одржи Розевата трка кој што ја организира Пинк Супорт МК. А, пак, на 15 октомври на Скопската ноќна трка Гоце, заедно со Марија, ќе ги истрчаат последните 500 метри. Ноќната трка е организирана од групата Скопско Ноќно Трчање во соработка со Црвениот крст и Пинк Супорт МК.
“Се надевам дека сите ќе се солидаризираат. Во овој проект е вклучен Гоце со својата сторија, и неговото семејство е вклученo, неговата жена и децата. Гоце ми е пријател и сакав со неговиот лик да поттикнам и другите маригнализирани лица да не бидат пасивни. Во Македонија премногу се дискриминирани слепите лица, па дури ни најголем дел од семафорите немаат звучни сигнали наменети за слепите лица” - вели Мариа – „Целта на овој настан е да се поттикне свеста кај сите дека и овие лица се дел од нашата заедница, место, населба, град. И тие имаат потреби и желби да бидат вклучени во општествениот живот.“
За промоцијата на документарниот филм кој се одржал во Њујорк на 4 септември, вели дека немало потреба да бара луѓе кои ќе помогнат со донации или спонзорства. Сите со кои контактирала веднаш се заинтересирале и придонеле за реализација на настанот. Во Македонија наишла на пречки и незитересираност. На самиот почеток се гледало како на нешто што нема да привлече внимание и нема да биде успешно од очекуваното. Дури и од самите учесници на настанот имало сомнеж дека без спонзорства проектот нема да успее. Според Мариа, пак, битно е да се истера акцијата до крај, да се заврши. Можно е и никој да не се појави, но самата организација ќе остави трага, доказ дека нешто е направено.
“Во Њујорк имав голема подршка за овој проект. Луѓето навистина сакаат да помогнат, покажуваат емпатија. Имавме галерија каде што еден млад уметник имаше изложба. Еден друг млад уметник одржа концерт на пијано, сѐ беше фантастично. Од Македонија сум разочарана” – раскажува Мариа.
Присуството на Геј Гејмс (9-16.8.2014) во Кливленд, Охајо, самата го финансирала. Со тоа учество ја претставила својата организација Пинк Супорт МК, а не Македонија како што сите мислеле и коментирале. Самите игри не биле само за хомосексулната заедница, туку и за сите останати маргинализирани групи. Овој настан ѝ е прв во Македонија.
“Имам подржано две млади девојки, од Еквадор и од Мексико. Но, сакав некого од Македонија. И така дојдов до идеја да подржам една млада маратонка која ги собра сите медали на Геј Гејмс.Како активист за човекови права најмногу сум инволвирана во граѓанските акции во Њујорк. Имам направено облека за една група луѓе кои имаат слабо срце. Тие организираа трка со веслање. И парите кои ги собравме ги дадовме во една болница”.
„Слоганот на Геј игрите „I am…. LGBT…. Muslim…..Christian…. I am Macedonia“ ја покажува реалната слика на Македонија. Таа вели дека во Македонија си дискриминиран без разлика дали си ЛГБТ или хендикепиран, дали си Муслиман во Источна Македонија или Македонец во Тетово. Не постојат реални услови за живот на ваквите групи на луѓе. Без разлика на која менифестација се оди битна е пораката која се пренесува.“ – вели Мариа и воедно изрази желба да се слика со тимот на Цивил.
Мариа доаѓа често во Македонија за да придонесе и помогне во граѓанските акции. Во блиска иднина планира да донира спортска облека и да одржи настан на кој една кошаркарка на децата од интернат во едно кривопаланечко село ќе им објасни повеќе за кошарката како спорт. Ќе организира и предавања за сексуалноста. Сака да работи на проекти кои ќе опфаќаат индивидулни приказни и проблеми кои ќе допрат до секого. Не бега од Македонија. Но, сака да ја види подобра од тоа што е денеска.
Арбана Ќерими
Биљана Јордановска