Прилеп: Флаери го обвинуваат пратеникот Димитар Стевананџија за непотизам!

Во центарот на Прилеп, на повеќе локации, деновиве можеа да се видат расфрлани флаери со ликот на прилепскиот пратеник од  редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Стевананџија, со испишана порака „Фала што ме изгласавте, да можам да си ја вработам жената“.

Флаерите откриваат и документ издаден од  ЈЗУ Здравствен Дом – Прилеп, во кој се вели дека од 2005-та до 2015-та, во Здравствениот дом, се вработени само двајца доктори по стоматологија, од кои еден е токму сопругата на пратеникот Стевананџија. Истата докторка, сопругата на прилепскиот пратеник е и единствениот избран кандидат за упатување на специјализација по детска превентивна стоматологија.

„Ве известуваме дека од 2005 па сé до денес, вработени се двајца доктори на стоматологија:  д-р Јулијана Стевананџија и д-р Катерина Талимџиоска“, пишува во приложениот документ на флаерот.

Од овој одговор од Здравствениот дом (по претходно доставено барање за пристап до информации од јавен карактер чиј подносител не е видлив на документот приложен на флаерот), потпишан од сега веќе бившиот  В.Д. директор Петар Ристески, очигледно е дека во изминативе 15 години, во здравствениот дом, или како во прилепчани го викаат „уредот“, единствените кандидати кои биле достојни да добијат вработување, па дури и одобрение за специјализација, се сопруги на високи локални функционери.

IMG_20160219_081530

Масовното заминување на доктори од Прилеп за работа во земјите од ЕУ е многу добро познат податок за прилепчани, и факт (проблем) со кој се соочуваат пациентите секојдневно. Но, дали е случајност „преостанатите“ доктори кои се вработуваат да се сопружници или роднини на партиски функционери, или тоа е само „темната страна“ на проектот - „Македонија вработува“, може да се погоди и со затворени очи.

Во споделениот документ на задната страна на флаерот, намерно или поради превид, се открива и идентитетот на кандидатот кој требало да биде вработен во ЈЗУ Здравствен Дом – Прилеп до крајот на 2015 година: „Кон крајот на оваа година, поточно во средината на декември 2015 година, треба да биде вработен уште еден доктор на стоматологија, д-р Митко Димитриовски“.

Како авторите на документот можеле да знаат кој ќе биде вработен во текот на годината? Дали конкурсот бил „скроен“ за една конкретна личност? Има ли наведената личност исклучителни успеси и заслуги за така, „преку ред“, да влезе на списокот за вработување, или има „вујко владика“?

Божидар Барлаковски

Оваа вест е достапна и на: Albanian